Со 514 илјади евра темелно ќе се реновира гевгелискиот Народен театар. Според проектот меѓудругото предвидена е целосна санација на ентериерот, поставување на нова електрична инсталација и систем за греење, нова столарија и санација на водоводната и канализационата мрежа и на санитарните јазли. Работите ќе ги изведува фирмата „ВИА“ од Вевчани која беше избрана на тендерот спроведен во јули. Проектот за реконструкција на театарот беше еден од десетте избрани и наградени проекти во Македонија, за чија реализација од страна на Европската Унија се одобрени средства од програмата ИПА-2007.
Народниот театар во Гевгелија е изграден во 1953 година и претставува едно од позначајните културно-архитектонски обележја на градот. По земјотресот во 1990 година и пожарот во 1996 година, театарот е надвор од употреба. После опожарувањето беше извршена санација на конструкцијата и покривот на објектот, но неговата внатрешност и фасадата останаа во руинирана состојба. Со реализација на овој проект ќе се создадат услови за повторно обновување на театарскиот живот во Гевгелија. Се очекува реконструкцијата да заврши во текот на 2011 година.
Форумска дискусија за овој проект » овде