Претходна статија
Уставниот суд поништи два урбанистички планa во општина Карпош
Следна статија
Заврши реконструкцијата на водоводната мрежа во центарот на Крива Паланка

21,9 милиони денари за довршување на „барокната палата“ на АДСДП

Објавено на 13.07.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Наместо да сопре китењето на новата зграда со шупливи антички столбови, АДСДП се одлучи да одвои дополнителни 21.970.033 денари за непредвидени работи што се појавиле при изведбата на „барокната палата“ до зградата на МОБ во центарот на Скопје. Изградбата на овој административен објект од само 6.400 метри квадратни веќе го чини буџетот на АДСДП вкупно 638.647.124 денари. Вртоглавата сума се однесува на изведба на шесткатниот објект, во кој е предвидено да се сместат вработените од ова акционерско друштво.

 

*Нема крај за лажниот „барок“ во центарот на Скопје; Фото: Архива на „Билд“.

 

Од АДСДП даваат образложение за најновиот договор склучен на 6 јули годинава. Станувало збор за нови, недоговорени работи од фазите: водовод и канализација; машински инсталации; електротехника и електрични инсталации. Постапката со преговарање без претходно објавување на оглас била предложена бидејќи изведбата на непредвидените работи во оваа фаза на изградба не е можно технички или економски да се одделат од основниот договор. Како резултат на тоа, изведбата на објектот од „Скопје 2014“ ќе продолжи да ја реализира фирмата „ДЕКОН – КОМ“ од Скопје.

 

Изградбата на административната зграда на АДСДП започна во септември 2015 година. Тогаш опозициската партија СДСМ тврдеше дека нема потреба да се потрошат 8.000.000 евра за изградба на канцелариски простор за 180 вработени на АДСДП. За помалку од три години, токму социјалдемократите ја имаат улогата на финални изведувачи на „барокното“ здание, изградено во паркот во склоп на МОБ. Идејното решение за овој објект од „Скопје 2014“ го изработи авторот Жарко Чаушевски, додека основниот проект е изготвен од студиото „Архитектоника“ од Скопје.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk