Претходна статија
Убавините на Матка во иднина ќе бидат подостапни за посетителите
Следна статија
Се асфалтираат новите ленти на Трета Македонска Бригада

Големата награда за архитектура на БИМАС 2014 остана недоделена

Објавено на 19.05.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Со едногласна одлука на жири – комисијата предводена од архитектот Мишко Ралев, Големата награда за реализиран архитектонски проект на XVII Биенале на македонска архитектура остана недоделена. Претседателот на комисијата на вечерашната свеченост во Музејот на Град Скопје детално ја образложи причината за донесување на ваквата одлука, која првенствено произлегува од непостоењето на соодветен труд што ги задоволува строгите услови за негов избор. Со овој чин, за прв пат се случува да не се додели Големата награда за реализиран архитектонски проект, која е востановена во 1981 година како највисока архитектонска награда во земјава. На овогодинешното издание не се додели ниту Наградата за урбанистички проект, поради тоа што не беше доставен ниту еден труд од оваа област.

 

Сите добитници на награди на БИМАС 2014

 

 

Наградата за проект од областа на архитектурата беше доделена на архитектонскиот проект за Клиничката болница – Штип на авторите Љиљана Митровиќ и Горана Митровиќ и на соработниците Срѓан Митровиќ, Иво Антонијевиќ и Филип Недевски. Жири – комисијата се одлучи Наградата за реализирана внатрешна архитектура – ентериер да им ја додели на архитектите Оливер Илиевски и Максим Наумовски за ентериерната реконструкција на управната зграда на градежната компанија „Гранит“ од Скопје. Претседателот на комисијата ги соопшти и имињата на добитниците на Наградата за проект од областа на дизајнот, која годинава отиде во рацете на авторките Бранислава Ѓорѓевиќ, Елена Пазарџиевска и Марија Димитриевска и на соработникот Стефан Тодоровски за проектот CITY BOX киоск.

 

Клиничка болница – ШтипЕнтериерна реконструкција на управната зграда на градежната компанија „Гранит“CITY BOX киоск

 

 

Во рамките на манифестацијата беа доделени и две специјални награди. Во сегментот на архитектонски реализации, наградата ја доби проектот за црквата Св. Илија во скопското село Говрлево на авторите Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Саша Тасиќ, Никола Стрезовски и Виолета Бакалчев. Втората специјална награда им беше доделена на Дејан Ивановски и Филип Јовановски и на соработниците Георги Јовановски, Димитра Јовановска и на Ивана Васева за галеријата „САС“ на Центарот за современи уметности од Скопје.

 

Црква Св. Илија во ГоврлевоГалерија „САС“

 

 

На затворањето на XVII Биенале на македонска архитектура со пригоден говор се обрати и претседателката на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ. Покрај испратените честитки за добитниците на наградите на овогодинешното издание на БИМАС, таа упати критика кон архитектите поради малиот број присутни на дебатите, презентациите и дискусиите што се организираа изминативе денови. „Жал ми е што биеналето не беше посетено на нивото на кое очекувавме. Треба да се погледнеме и во себе“ истакна претседателката на ААМ. Наградите на БИМАС 2014 беа одбрани од пристигнатите 112 проекти и реализации, кои се резултат на македонското архитектонско творештво во изминативе две години.