Градот Скопје денеска објави нов тендер за избор на градежна компанија што ќе ја догради и ќе ја реконструира фасадата на објектот на улица „Димитрие Чуповски“, број 2 во центарот на Скопје. Засега не е објавен идниот изглед на ова здание, но со сигурност се знае дека ќе го следи архитектонскиот стил на владиниот проект „Скопје 2014“. За „барокизацијата“ на овој објект е проценето дека ќе се одвојат 118.319.761 денари или околу 1,9 милиони евра, без вклучен ДДВ. Заинтересираните градежни компании треба да ги достават своите понуди до градската власт најдоцна до 3 март, за кога е закажано јавното отворање на понудите.
Во меѓувреме, во централното градско подрачје се менува изгледот на уште едно репрезентативно здание. Просторот околу објектот „Сити галери“ е ограден од страна на изведувачот на градежните работи, а во наредниот период треба да почне реализацијата на замислената барокна фасада. Од буџетот на Град Скопје за изведување на работите се издвоени финансиски средства во висина од над 92 милиони денари, односно околу 1,5 милиони евра. Идејното решение за новата фасада на „Сити галери“ ја изработија авторите Лазар Димов и Никола Стакинов, додека основниот проект го изготви „Инком Инженеринг“ од Скопје.
Славко Брезовски, автор на оригиналниот архитектонски труд на „Сити галери“, јавно се изјасни дека е против промената на неговото творечко дело, напоменувајќи дека нема да даде согласност за овој потег. Тој е еден од најпознатите македонски архитекти и некогашен професор на Архитектонскиот факултет во Скопје.
Бојан Блажевски