Претходна статија
Градежниците бараат поголема реализација на капиталните инвестиции
Следна статија
Започна со работа новата автобуска станица во Охрид

Општина Центар ќе инвестира во нови фасади, покриви и лифтови во постарите згради

Објавено на 25.06.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Енергетски ефикасни фасади ќе добијат 26 станбени згради на територијата на општина Центар. Локалната самоуправа ги избра објектите во кои ќе инвестира во реконструкција на фасадите, во партнерство со заедниците на станари. На распишаниот оглас пристигнале 65 пријави, од кои се избрани 26 пријави за реализација на претстојните градежни зафати. За избраните објекти во следниот период ќе се подготви проектна документација. Овие реконструктивни зафати ќе се завршат во период од две години.

 

 

Проектите ќе бидат поддржани од општина Центар во висина од 70% од вкупниот износ на енергетски ефикасната фасада, додека сопствениците на станови ќе треба да ги обезбедат останатите средства во износ од 30%. „Предуслов за отпочнување на реконструкција на фасада е да бидат уплатени средства во висина од 30% од вкупниот износ од вредноста на енергетски ефикасната фасада“ соопштуваат од општина Центар.

 

Воедно, општина Центар избра 10 станбени згради што ги исполнуваат условите за финансиска помош за санација на лифтови, како и 16 објекти за финансиска помош за санација и поправка на покриви. Локалната самоуправа ќе обезбеди до 30% од средствата неопходни за санација на покривната конструкција на зградите, но не повеќе од 150.000 денари. Поправката и санацијата на лифтовите ќе биде поддржана со 30% од вкупниот износ на инвестицијата, но не повеќе од 300.000 денари. Преостанатите средства за оваа намена ќе треба да ги обезбедат сопствениците на станови во колективните згради.