Зградата на булевар „Илинден“ бр. 83 блесна со нови бои и освежен надворешен изглед. Општина Центар во изминатиов период ја заврши реконструкцијата на фасадата на овој станбен објект. Во договор со жителите, зградата доби сиво-портокалови бои. „Оваа зграда, со површина од 2.135 метри квадратни, е деветта по ред која ја реконструира општина Центар. Како и за сите досегашни фасади, се задржа автентичниот архитектонски изглед. Оштетената фасада, која не беше реконструирана речиси 60-тина години, од која паѓаше малтерот и цели делови, сега е енергетски ефикасна, а сметките за струја на граѓаните ќе бидат пониски за една третина“, информираат од општина Центар.
* Извор на фотографија: Општина Центар
Од локалната самоуправа денеска соопштија дека наскоро ќе биде готова и десеттата фасада на станбен објект, кој во моментов се работи на улица „Иван Милутиновиќ“. Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски неодамна го најави проектот за пролетна градежна офанзива, во чии рамки ќе биде вклучена изведбата на шест нови енергетски ефикасни фасади на постојни станбени објекти во централното градско подрачје. Во таа насока, Општина Центар деновиве го распиша огласот за избор на изведувач на енергетски ефикасна фасада на зградата на улица „Цицо Поповиќ“ бр. 7 во населбата Пролет.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk