Претходна статија
Автопатот Миладиновци - Штип ќе биде завршен до 2017 година
Следна статија
Железницата и авиосообраќајот главни добитници кај транспортот во 2015 година

Започна изградбата на новата Клиничка болница во Штип

Објавено на 03.03.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во Штип денеска беше поставен камен – темелник на новата Клиничка болница, комплекс во кој здравствени услуги ќе добиваат 200.000 пациенти. На свеченото отпочнување на градежните работи присуствуваа премиерот Емил Димитриев, министерот за здравство Никола Тодоров и градоначалникот на Општина Штип Илчо Захариев. „Комплексот ќе биде распределен на осум нивоа со голем број болнички одделенија и центри. На последните три нивоа ќе бидат сместени болнички соби со сите неопходни содржини за директна поддршка и медицински надзор, додека во подолните катови се проектирани сите неопходни содржини за дијагностика, интервенции и третман“, објасни премиерот Димитриев.

 

 

 

Клиничкиот центар во Штип ќе се простира на површина од 34.000 метри квадратни, на осум нивоа каскадно поставени на теренот. Во подрумските простории ќе бидат сместени техничките и сервисните одделенија, како и одделите за патологија и судска медицина. Во ниското приземје ќе се наоѓа Ургентниот центар, радиолошко дијагностичкиот оддел, централните гардероби и лабораторијата, болничката аптека и стерилизацијата. Во приземјето и пониските нивоа се лоцирани 17 амбуланти, дополнети со специјализирани простори за прегледи и третман, како и дневни болници за трансфузиологија, дневна хирургија со три мали сали, хемотерапија, психијатрија, служба за превенција и третман за зависности од дрога.

 

Инвестицијата во изградбата на објектот е во висина од 30 милиони евра, обезбедени преку кредит, но вкупната инвестиција тежи 57 милиони евра, вклучувајќи ги финансиите за изработка на проектот (1 милион евра) и планираната медицинска опрема (16 милиони евра). Во болницата ќе биде поставен систем кој ги контролира во целост електриката и машинството на објектот. Проектната документација предвидува реализација на систем за транспорт на крв за лабораториски потреби преку пневматски туби. Тендерот за изградба на новата Клиничка болница е спроведен според критериумите на Банката на Советот на Европа.

 

Градежните работи ќе се одвиваат во наредните две години. Проектот е планирано да се реализира во две фази, од кои првата вклучува изградба, додека втората е доизградба и интегрирање на објектот. Изведувач на новата Клиничка болница во Штип е фирмата „Интеркат“. Автори на проектната документација за објектот се Лиљана Митровиќ и Горана Митровиќ, со соработниците Срѓан Митровиќ, Иво Антонијевиќ и Филип Недевски.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект