Со над 22,6 милиони денари обезбедени од локалниот буџет ќе се реконструира и надгради основното училиште „Гоце Делчев“ во строгиот центар на Скопје. Општина Центар го започна градежниот зафат, со кој училиштето ќе добие дополнителна површина од 532 метри квадратни. За учениците ќе се обезбедат шест нови училници, три помошни простории, а дел од зафатот е и поставување на лифт за деца со инвалидност и пречки во развојот. Со реализацијата на овој проект, објектот ќе се простира на сутерен, приземје и два ката.
*Извор на фотографија: Општина Центар
На денешниот настан се обрати градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ. „Училиштето ‘Гоце Делчев’ ќе биде современо и училиште по највисоките европски стандарди. Не само ова, туку и сите центарски училишта и градинки ќе добијат подобри услови за воспитување, престој, забава и образование“ изјави Богдановиќ. Договорот за доградба на училишниот објект беше потпишан во август 2016 година.