Преку проектот „Енергетска ефикасност за секторот домување“ во централното градско подрачје на Куманово ќе се реконструираат дотраените фасади на пет станбени згради. Во соработка помеѓу општина Куманово, Хабитат Македонија и куќните совети на петте згради, планирано е да се намали огромната потрошувачка на енергија и да се облагороди надворешниот изглед на објектите. „Општина Куманово си зема за обврска да ги смени фасадите, заедно со Хабитат. Нејзиното учество е со 20 проценти од вкупниот проект во зградата“, истакнува за порталот „Куманово њуз“ Горан Митевски, раководител на секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции во локалната самоуправа.
Покрај фасадата, во објектот ќе се постават нови прозорци и врати со цел да се спроведе проектот за енергетска ефикасност. Веќе е извршена анкета на станарите, кои позитивно се изјасниле и прифатиле да учествуваат во зафатот преку подигање на кредити без камата од Хабитат Македонија. Со имплементирање на мерките за енергетска ефикасност се очекува да се намали потрошувачката на енергија за повеќе од 50%. Еден ваков проект веќе е реализиран во станбена зграда во општина Куманово, а оваа невладина организација спроведе идентични активности врз неколку објекти во општина Карпош во Скопје. Во моментов тече и пријавувањето за реконструкција на старите фасади во општина Центар, каде „Хабитат“ во партнерство со локалната власт ќе санира од пет до десет поголеми станбени згради во централното градско подрачје на Скопје.