Претходна статија
Професорите и студентите од архитектонските факултети да застанат во одбрана на Скопје
Следна статија
„Скопје 2014“ збогатен и со вртелешка

Владата ќе одвои 4,5 милиони евра за инфраструктурни проекти во руралните средини

Објавено на 14.04.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Портпаролот на македонската влада Александар Ѓорѓиев на денешната прес – конференција информираше дека македонската влада ќе вложи 275 милиони денари или 4,5 милиони евра во инфраструктурни проекти во руралните општини и во руралните средини на урбаните општини. Финансиските средства од државниот буџет за 2013 година ќе се потрошат за имплементирање на проектите: „Развој на јавна инфраструктура во рурални средини“, „Обнова и развој на селата“ и „Зачувување и унапредување традиционалните вредности во руралните средини“.

 

#Во согласност со владината програма, во руралните средини ќе се инвестира во патната и телекомуникациската инфраструктура, во изградба на водоводни и канализациони системи, објекти за продажба на земјоделски производи и жив добиток, но и во изведба и реконструкција на детски, младински и пензионерски културни центри и клубови. Со средства од државниот буџет ќе се изготват урбанистички планови за селските средини, а ќе се инвестира и во селската патна инфраструктура, плоштади, шеталишта и зелени површини. Според информациите од портпаролот Ѓорѓиев, владините финансии ќе се искористат и за уредување на излетнички места, обележување на планинарски и велосипедски патеки и за означување на културни и природни знаменитости во руралните средини.

 

Македонските локални самоуправи ќе можат да аплицираат со сопствени проекти преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, која треба да го објави јавниот повик во текот на мај. Максималниот износ на финансиски средства што можат да се повлечат преку програмата од една општина изнесува 20 милиони денари. Неповратната финансиска помош ќе се доделува во висина од 100% од вредноста на одобрениот проект.