Претходна статија
Објектот спроти американската амбасада под лупа на СЈО
Следна статија
Започнува изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Кочани

Уништен дел од фонтаната на скопскиот плоштад „Македонија“

Објавено на 06.06.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Новата фонтана на скопскиот плоштад „Македонија“ претрпе сериозно оштетување нецели две години од нејзиното пуштање во употреба. Камион на јавното претпријатие „Улици и патишта“ пропадна во фонтаната, уништувајќи дел од надземната и подземната инсталација. Некои од прскалките се уништени, заедно со поставените ЛЕД светилки, за кои беа потрошени над 2,5 милиони евра. Една третина од овие средства беа обезбедени од Буџетот на град Скопје, додека останатите финансии беа дадени од извршната власт.

 

 

Камионот пропаднал во фонтаната за време на подготовките за одржување на пречекот на ракометарите од клубот „Вардар“. Градските власти денеска не информираа за причинетата штета од настанот, ниту пак за дополнителните средства што ќе бидат потребни за поправка на фонтаната. Површинската фонтана со правоаголна форма и димензии 20 х 10 метри беше пуштена во употреба во јуни 2015 година.

 

Фонтаната се состои од 128 прскалки, ЛЕД светилки и подземна инсталација за довод и одвод на вода. На изведбата работеше фирмата „Трансмет“ врз основа на проектната документација изготвена од Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови – Прилеп.