Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Напредува проширувањето на Првомајска
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: Се расчистува теренот за доградба на старата железничка станица

ТЕМА: Во 2013 година ќе имаме инсталирани ветерници и подготвен терен за нови инвеститори

Објавено на 03.06.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во претстојниот период значителни придвижувања треба да се очекуваат во сегментот на производството на електрична енергија преку искористување на ветерот. Во моментов се спроведуваат активности за поставување на пет мерни станици на територијата на Македонија со кои во иднина ќе се овозможи да влезат инвеститори за изградба на ветерни електрани на тие локации, најдоцна до 2013 година ќе бидат инсталирани првите 16 ветерници во рамките на ветро паркот во Богданци од страна на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), а Владата на Р.М. неодамна изгласа изменување на Одлуката за вкупната инсталирана моќност на повластените производители на електрична енергија, согласно која вкупната инсталирана моќност на ветерните електрани за кои ќе се применуваат повластени тарифи до 31 декември 2025 година треба да изнесува 150 MW.

 

Македонија е една од ретките европски држави во кои производството на електрична енергија од ветерот е на самиот зачеток. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) има донесено само една одлука за издавање на лиценца за вршење енергетска дејност – производство на електрична енергија во ветерна електрана до 1 MW. Компанијата „Ориент Грен Поуер“ од Скопје има добиено лиценца за ветерната електрана во с.Извор, Општина Липково. Од РКЕ за „Билд“ напоменуваат дека сеуште никој не поднел барање за издавање на привремено решение за стекнување статус на повластен производител на електрична енергија од овој вид обновлив извор на енергија.

 

 

 

 

„Ветерна електроцентрала може да се стекне со статус на повластен производител ако нејзината инсталирана моќност е помала или еднаква на 50 MW. Повластената тарифа за електричната енергија произведена и испорачана од ветерни електроцентрали изнесува 8,9 евроценти за kWh. Повластениот производител има право да ги користи повластените тарифи за електрична енергија произведена од ветерни електроцентрали во период од 20 години“, напоменуваат од РКЕ. Според најновата измена во Одлуката од страна на македонската влада, вкупно инсталираната моќност на ветерните електрани за кои ќе се применуваат повластените тарифи за купопродажба на енергија до 31 декември 2016 година треба да изнесува 65 MW, до 31 декември 2020 година 100 MW, додека до 31 декември 2025 година е зацртано да се заокружи на 150 MW.

 

Во соработка со Светска банка веќе е изработена „Студија за приклучување на ветро генератори во електропреносниот систем на Република Македонија“, во која е утврдено дека ветерни електрани со инсталирана моќност до 150 MW без никаков проблем може да се приклучат кон мрежата на МЕПСО. „Во моментов тече проектот за поставување на пет мерни станици за мерење на ветерен потенцијал во Република Македонија на локациите Берово, Старо Нагоричане, Свети Николе, Сопиште и Могила, кои што ќе бидат референтни станици и со кои ќе се овозможи и други инвеститори да влезат во тие локалитети, да можат да направат подетални мерења и во иднина да се направи инвестициска студија за ветрогенераторно поле со одреден капацитет“, објаснува за „Билд“ Здравко Стефановски, експерт за енергетска ефикасност од Единицата за спроведување на ГЕФ Проектот за одржлива енергија при Министерството за економија.

 

Мерните станици во висина од 50 до 60 метри во наредните 2 – 3 години ќе ја мерат брзината на ветерот на одбраните локации, по што ќе се знае дали ќе се поставуваат ветро генератори од потенцијални инвеститори. „Сите локации веќе имаат услови без проблем за приклучување кон електропреносниот систем на Р.М. со одредени модификации, односно додавања на високонапонски столбови или трансформаторски дел, меѓутоа во принцип има потребна инфраструктура, приоден пат и во близина се наоѓаат далекуводите на МЕПСО“, напоменува Стефановски. Пред отпочнувањето на проектот за изградба на ветро паркот во Богданци, идентични мерења беа направени од страна на ЕЛЕМ. „Локацијата кај Богданци е избрана по петгодишни детални истражувања и мерења на брзината и правецот на ветерот. Покрај оваа локација, ЕЛЕМ вршеше анализи на повеќе локации, но согласно добиените резултати и изготвената физибилити студија, утврдено е дека Богданци има најповолни услови за изградба на ветерен парк“, истакнува Мирче Котевски, портпарол на ЕЛЕМ.

 

Од она што е веќе објавено во јавноста, финансиските средства во износ од 55 милиони евра за подигање на ветерните турбини веќе се обезбедени и во полн ек се подготовките за изградба на овој енергетски објект. „Проектот „Богданци“ ќе се реализира во две фази. Во првата фаза, или најдоцна до 2013 година ќе бидат инсталирани 16 ветерници со вкупна инсталирана моќност од 37 MW, а во втората фаза ќе бидат монтирани уште шест ветерници со вкупна инсталирана моќност од 13 MW со што вкупно инсталираниот капацитет на ветропаркот ќе достигне 50 MW“, објаснува портпаролот Котевски. Веќе е потпишан договор со конзорциумот „Терна – Сименс“ за реализација на пристапниот пат, трафостаница и далекувод, а сеуште е во тек тендерската постапка за избор на најповолен понудувач за набавка и монтажа на ветерните турбини. Покрај државната компанија, веќе подолго време со посериозни најави за изградба на ветерници излегува и шпанската компанија „Инвал“, која во општините Штип и Радовиш планира да изгради два ветро парка со 37 ветро генератори и вкупна моќност од 100 MW.

 

Инвестирањето во искористување на ветерот за добивање електрична енергија е исклучително сложен процес. Најпрвин треба да се определи колкаво количество на електрична енергија може да прими електропреносниот систем на МЕПСО, потоа да се постават мерни станици кои неколку години ќе ја мерат јачината на ветерот, да се подготви пропратната инфраструктура, со што би била отворена вратата за изградба на вакви енергетски објекти. Од друга страна, нивниот потенцијал за производство на електрична енергија е огромен. „За разлика од фотоволтаичните електрани, кои што имаат вкупно инсталирана моќност од 1 до 2 MW, во ветерната електрана само еден ветерен столб дава 2 до 3 MW електрична енергија, тоа е голема предност“, дециден е експертот Здравко Стефановски.

 

» Форумска дискусија за ветерни електрани

 

 

 

Бојан Блажевски