Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, најавува враќање на старите гранитни коцки на Плоштад Македонија. Засега нема проект ниту проценка за трошоците, но градоначалникот изразува решеност идејата да ја спроведе на дело, а вели дека парите немало да бидат проблем. Инспирација за ваков чекор добил кога бил во посета на Париз.
Во периодот 2003-2004, за време на вториот мандат на градоначалникот Ристо Пенов, плоштадот беше темелно реконструиран со камен од планината Јабланица во Босна и Херцеговина. За тој проект беа потрошени три милиони евра. Извадената коцката датираше од 40-тите години на минатиот век, а дел од нејзе повторно се вгради помеѓу новите гранитни плочи.
Се најавува дека за старо-новиот лик на плоштадот ќе биде доволна отстранетата коцка во време на реконструкцијата, која се чува во ЈП Улици и Патишта. Бившиот градоначалник од друга страна тврди дека голем дел од нејзе е оштетен или искористен за други проекти, а и дека сегашниот плоштад е со поголема површина. Покрај ова, Пенов нагласува и дека одржувањето на плоштад поплочен со коцка е потешко.
Градските власти не прецизираат кога точно би се пристапило кон реализација на овој проект. Првичните изјави наведуваат на заклучок дека тоа би било после поставувањето на споменикот на Александар Македонски. Исто така се спомнува и изградбата на подземните сообраќајници под плоштадот.
Форумска дискусија на оваа тема –> овде