Претходна статија
Мал пад во бројот на предвидени станови за градба во текот на октомври
Следна статија
Се продава парцела за образовна установа зад ТЦ „Скопјанка“

Станбено – деловниот комплекс „Космос“ повторно се гради

Објавено на 05.12.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градежната компанија „Фине“ денеска постави камен темелник на станбено – деловниот комплекс „Космос“ во населбата Ќерамидница. По минатогодишното уривање на објектот во градба, инвеститорот Фијат Цаноски се одлучи повторно да ја започне изградбата на зданието на истата локација во близина на Универзитетот „ФОН“ [»мапа]. На градежната парцела со големина од околу 20.000 метри квадратни, треба да се издигнат две згради со вкупно 562 станови со различна квадратура од 50, 90 и 105 метри квадратни. Поголемиот објект е предвидено да се простира на површина од 80.000 метри квадратни, додека помалата зграда која претходно воопшто не почна да се гради би имала бруто развиена површина од 40.000 метри квадратни. Според плановите на инвеститорот, комплексот треба да биде завршен до крајот на 2013 година.

 

 

 

 

Во денешната изјава за медиумите Фијат Цаноски истакна дека сите предуслови за стартување на изградбата се исполнети. „Одобрението за градба го имаме, комуналиите се целосно платени и нашите планови се до крајот на идната година објектот да биде изграден. Постапивме по сите решенија и наредби од Општина Гази Баба и објектот го сведовме до бараното ниво“, нагласи Цаноски. Неговите проценки се дека со уривањето на станбено – деловниот комплекс му е нанесена финансиска штета, што тој ја проценува на повеќе од 35 милиони евра. Локалната власт денеска не излезе со соопштение за повторното отпочнување на проектот и за дадената изјава на инвеститорот.

 

 

 

 

Општина Гази Баба пристапи кон уривање на „Космос“ на почетокот од август 2011 година поради отстапување на објектот во градба од проектната документација, со која е добиено одобрението за градење. Градежниот инспектор од локалната самоуправа утврди висинско отстапување од 1,43 метри, како и изведба на армирано – бетонски плочи, парапет и столбови на приземјето, за кои беше утврдено дека се во спротивност со основниот проект. По повод ваквите обвинувања, инвеститорот се одлучи да поднесе тужби против одговорните лица и надлежните органи. Според информациите од компанијата „Фине“, инвестицијата во станбено – деловниот комплекс ќе изнесува околу 35 милиони евра, додека во изведувањето на градежните работи ќе се вклучат 300 лица.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект