Во функција на развој на алтернативниот туризам, општина Центар Жупа планира да гради пешачко – велосипедска патека на потегот од Центар Жупа до Дебарски острови. За оваа патека долж течението на реката Дрим е распишан оглас за избор на изведувач што ќе ги реализира неопходните градежни работи, кои ќе бидат финансирани преку ИПА 2 фондот на Европската Унија. За претстојниот зафат веќе се изработени инфраструктурен и основен проект, како и елаборат за заштита на животната средина и бележење на сообраќајната сигнализација.
*Убавината на регионот на Дебар во иднина би им била достапна на велосипедистите
Пријавите за учество на тендерот треба да бидат доставени од градежните компании најдоцна до 15 април, по што ќе се избере изведувачот на пешачко – велосипедската патека. Станува збор за прв ваков инфраструктурен објект во југозападниот дел од земјава, кој е предвиден во изработената Студија за пешачки и велосипедски патеки.
Целта на целокупниот проект е да се изградат 6 пешачко – велосипедски делници: Охрид – Струга, ХЦ Шпиље – Дебар, Дебар – Бањиште, Центар Жупа – Дебарски Острови, Дебар – Долно Косоврасти и Центар Жупа – Мелнички мост во вкупна должина од 31 километар и вкупна вредност на проектот од 1,7 милиони евра.