Потенцијалните инвеститори и граѓаните ќе можат преку Интернет да ги добијат сите информации за слободните градежни парцели во Македонија, за цената на недвижноста за која тие се заинтересирани и за деталните информации поврзани со оваа недвижност. За оваа намена, Агенцијата за катастар на недвижности подготвува три регистри, за кои Владата усвои акциски планови за спроведување на овој опсежен проект. Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славе Трпески на денешната прес – конференција дадоа подетални информации за проектот.
Во регистерот на градежно земјиште софтверски ќе бидат обединети сите урбанистички планови со податоци за градежното земјиште на целата територија на државата. „Ќе бидат евидентирани сите парцели, целокупното градежно земјиште, податоци што е предвидено да се гради на тоа земјиште, а доколку не е предвидено, податок дека е слободно, ако е предвидено што да се гради, ќе бидат внесени параметри до која висина, на каков габарит, на каква површина“ изјави владиниот портпарол Ѓорѓиев. Овој регистар треба да профункционира најдоцна до првиот квартал следната година. Неговата имплементација ќе чини половина милион евра, што ќе бидат одвоени од буџетот.
Значаен за инвеститорите и за граѓаните ќе биде и регистерот на цени на недвижностите, што треба да се полни од првата половина на следната година. „Регистерот ќе ги содржи цените за сите продажби и закупи на недвижностите, како и дополнителните податоци за недвижностите, како што се година на градба и на реконструкција, материјал на градба, микро, макро локација, близина до јавни објекти, достапност до струја, вода, гас…“ рече директорот на катастарот Славе Трпески. Овој регистер ќе биде достапен на пошироката јавност и ќе овозможи транспарентност на пазарот на недвижности во земјава. Агенцијата ќе објавува квартали, полугодишни и годишни извештаи за трендот на движењето на цените на недвижностите.
Агенцијата за катастар на недвижности ќе воспостави и адресен регистер, врз основа на европската директива за адресите во државите – членки на ЕУ. Тој ќе содржи просторни и описни податоци за улиците и куќите, односно стандардизирани адреси. Адресниот регистер најпрво ќе се воведе како пилот – проект на подрачјето на Скопје. Треба да биде воспоставен до декември 2о16 година.