Како што ветија изминатово лето, од скијачкиот центар Маврово успеаја да ја постават новата опрема за производство на технички, еколошки снег на скијачката патека „Едносед“. Вештачкиот снег ќе овозможи продолжување на овогодинешната скијачка сезона на Маврово за 30 проценти. Во проектот се инвестирани околу 700.000 евра, кои претставуваат сопствена инвестиција на самиот скијачки центар. На скијачката патека со должина од речиси 2 километри се поставени 18 шахти, 9 снежни топа и 4 снежни стикови.
Целиот систем се раководи од компјутерски центар, со кој ќе се обезбеди 24 – часовен надзор на патеката во однос на количеството снег на неа, но и на метеоролошката состојба. Благодарејќи на поставената опрема, ски – центарот Маврово ќе ја отвори новата сезона во текот на претстојниот викенд.