Скијачкиот центар Маврово ќе инвестира околу 700.000 евра во поставување нова опрема за производство на технички, еколошки снег на скијачката патека „Едносед“. Опремата започна да се поставува во текот на денешниот ден, а рокот за изведба на овој проект е четири месеци. На скијачката патека со должина од речиси 2 километри ќе бидат поставени 18 шахти, 9 снежни топа и 4 снежни стикови. Снежењето на патеката ќе започне со создавањето температурни услови во текот на претстојната зимска сезона.
„Целиот систем за правење снег ќе се раководи од компјутерски центар и ќе има 24 – часовен надзор на патеката, на количеството снег и на метеоролошката состојба на самата патека“ информираат од ски – центарот Маврово. Започнатото вложување во воведувањето вештачки снег е сопствена инвестиција на самиот скијачки центар.