Претходна статија
Уште една атрактивна парцела во општина Центар оди на лицитација
Следна статија
Скопјани не даваат ГТЦ да се „барокизира“

Седиштето на владата ќе добие и стилизирана ограда

Објавено на 29.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Античките столбови на објектот на македонската влада излегоа на виделина, во околината на зданието се поставуваат стилизирани канделабри, а наскоро ќе се изведе и ограда што ќе одговара на новиот неокласицистички изглед. Иако изворната идеја на објектот „Це-Ка“ никогаш не била тој да биде ограден, македонската влада сепак се одлучи да си ја зголеми својата безбедност. Владината Служба за општи и заеднички работи бара изведувач на стилизирана ограда што ќе се протега околу седиштето на извршната власт, зафат за кој проценува дека ќе потроши 42.435.000 денари (690 илјади евра), без вклучен ДДВ. Исходот од тендерот ќе се знае на 21 јануари 2015 година, за кога е закажано јавното отворање на понудите.

 

Ако се вклучи и оградата, тогаш вкупната цена на реконструкцијата на седиштето на македонската влада ќе нарасне на преку 16,5 милиони евра. Неокласицистичката фасада веќе е реализирана, а во претстојните месеци ќе се работи на ентериерното уредување и адаптацијата на објектот. Идентично како и за проектната документација на надворешниот изглед, идејниот и основниот проект за „барокот“ во внатрешноста на зданието го изготви бирото „Архитектоника“ од Скопје. Рефасадирањето на седиштето на македонската влада во духот на проектот „Скопје 2014“ е направено врз основа на идејното решение на авторот Жарко Чаушевски.

 

Петар Муличковски, како архитект на објектот, јавно одби да даде поддршка на процесот за промена на надворешниот изглед на неговото дело.