Претходна статија
Архитектонски конкурс за доуредување на паркот „Македонија“
Следна статија
Наместо нов објект, Универзалната сала ќе се реконструира

СДСМ бара оставка од Трајановски поради новите „барокни“ фасади

Објавено на 18.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска повторно го повика скопскиот градоначалник Коце Трајановски да си поднесе оставка поради реализацијата на новите „барокни“ фасади во централното градско подрачје. „После оваа одлука за нови барокни фасади денес, Коце Трајановски треба веднаш да поднесе оставка и да се соочи со граѓаните на Скопје на избори“ истакна Дамјан Манчевски, координатор на советничката група на СДСМ и коалиционите партнери во Советот на град Скопје. Тој денес обвини дека Коце Трајановски и ВМРО – ДПМНЕ сакаат да донесат одлука за менување на фасадите на зградите во „барокни“ на булеварите Св. Кирил и Методиј, Климент Охридски, Гоце Делчев, Крсте Петков Мисирков и на Кочо Рацин, како и на сите преостанати објекти лоцирани на улицата Македонија.

 

* „Барокните“ фасади излегуваат од границите на ДУП „Мал Ринг“

 

 

„Ова е огромно зголемување на опфатот. Ова е болно. Ова е еднакво на лудост. До сега на менување на “барокни” фасади се потрошени над 10 милиони евра. Ова неколкукратно зголемување на опфатот, овие нови бројни згради кои треба да се „пресоблечат“ во барок, ќе значат нови околу 50 милиони евра за раскошот и луксузот на Никола Груевски и Коце Трајановски“, посочува Дамјан Манчевски. Опозициската партија СДСМ во целост ги отфрла предлозите за „барокизација“ на постојните објекти лоцирани во централното градско подрачје.

 

Градските власти на денешната седница на Советот на град Скопје предложија да се донесе одлука за утврдување на изгледи на фасади на објекти во центарот на Скопје. Станува збор за проекти изработени од фирмите „Лоу Тек“ и „Архитектоника“ од Скопје. Со одлуката е зацртано да се промени фасадата на еден објект на улицата Димитрие Чуповски, 10 згради на улицата Македонија и две згради на улицата Даме Груев. Од владејачката партија ВМРО – ДПМНЕ и од Градот Скопје денеска не излегоа со реакција на обвинувањата на опозицискиот СДСМ.