Претходна статија
Зјаат дупки на асфалтот на булевар Јане Сандански
Следна статија
„Актива“ отвори нова фабрика во Штип

Пристигнува и „барокна“ ограда за седиштето на македонската влада

Објавено на 17.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Од државниот буџет ќе се трошат финансиски средства и за оградување на објектот на Владата – Службата за општи и заеднички работи потпиша договор со фирмата „Бауер БГ“ за изведба на градежни и градежно – занаетчиски работи за оградување на седиштето на извршната власт. „Барокната“ ограда ќе се изведува девет месеци, а од буџетот за оваа намена ќе се потрошат 43.087.604 денари или околу 700.000 евра. Некогашниот објект „ЦЕ-КА“ на архитект Петар Муличковски денес има целосно изменет лик, и тоа без дадено одобрение од страна на нејзиниот автор.

 

Во изминативе две годинии во историјата заминаа застаклените коцки на зданието, кои се заменија со неокласицистичка фасада. Веќе целосно е променето осветлувањето околу седиштето на извршната власт, со нови „стилизирани“ канделабри. Во наредниот период треба да се комплетираат градежните работи и за ентериерно уредување на шестата „коцка“ од ова административно здание. Во согласност со публикуваните податоци на веб – страницата на Бирото за јавни набавки, за реконструктивниот зафат досега се потрошија финансиски средства во висина од околу 16,7 милиони евра.

 

Идејното решение за рефасадирање на надворешниот изглед на владиното седиште во архитектонскиот стил на „Скопје 2014“ го изготвија авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Основниот проект за надворешниот изглед го изработи студиото „Архитектоника“ од Скопје, кое го подготви идејниот и основниот проект и за идниот изглед на ентериерните простории. Уредувањето на внатрешноста ќе ја реализира фирмата „АСПРОМ ДООЕЛ“ од Скопје, додека фасадното обликување на објектот го реализираа компаниите „Бауер БГ“ и „Декон – ком“.

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Бојан Блажевски