Агенцијата за катастар на недвижности денеска го промовираше проектот за воведување Регистар на цени на недвижностите. Очекувањата се дека во наредните две години целосно ќе се реализира проектот, со што оваа институција директно ќе се вклучи во националната проценка на недвижностите во нашата земја. Граѓаните и компаниите ќе можат преку интернет да ги разгледаат цените за сите продажби и закупи на недвижностите, при што за секоја просторија што се продава или закупува ќе биде објавена годината на изградба, материјалот на градба, локацијата, инфраструктурните приклучоци и слично.
Врз основа на публикуваните податоци во Регистарот, Агенцијата за катастар на недвижности ќе изготвува квартални, полугодишни и годишни извештаи за трендот на движење на цената на недвижностите на територијата на целата земја, кои како статистички податоци во моментов парцијално ги изготвуваат Народната банка и Државниот завод за статистика. На тој начин, на пазарот на недвижности ќе се воведе транспарентност во придвижувањата на цената на становите, куќите, дуќаните, деловните простории и секој друг вид на недвижности.