Австриската компанија „Штрабаг“ денеска започна со градежни работи за изведба на новиот експресен пат од Штип до Радовиш. Капиталниот проект е со вредност од над 1,7 милијарди денари (28 милиони евра) и ќе се реализира во наредните три години. Финансиските средства ги обезбеди Европската банка за обнова и развој. Станува збор за целосно нова траса на потегот помеѓу штипското село Софилари и клучката кај радовишкото село Бучим. Градежните работи на терен ќе се изведуваат врз основа на изготвениот проект на кумановската фирма „Простор“.
* Постојниот пат меѓу Штип и Радовиш
Изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш беше најавена од македонската влада уште кон крајот на минатата година. Коловозот ќе се состои од две сообраќајни ленти со широчина од по 3,5 метри и две ленти за застанување од по 2 метри. Реализацијата на овој зафат ќе овозможи побрз проток на патници и стока измеѓу југоисточна Македонија и Скопје, земајќи ја во предвид и изведената автопатска траса меѓу Скопје и Штип. Воедно, австрискиот изведувач „Штрабаг“ ќе биде одговорен за одржување на идниот експресен пат во период од 5 години по завршувањето на проектот.