Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО) потпиша три договори со проектантското биро „Билд“ од Скопје за изработка на основни проекти и техничка документација за изградба на скијачки патеки. Првиот зимско – рекреативен центар би се градел на локалитетот Бел Камен на планината Плачковица, кој е оддалечен 20 километри од Радовиш. Скијалиштето треба да биде од локален карактер, со една ски патека за скијачи почетници, ски инсталации и систем за заснежување на патеката, но и да биде инсталиран ски лифт со капацитет од 1.200 скијачи на час. Втората скијачка патека би се градела на Малешевските планини на надморска височина од 1.000 метри. Скијалиштето „Беровско езеро“ би било од локален карактер и истото ќе се состои од една скијачка патека, неопходна опрема за нејзино одржување и ски лифт со капацитет од 1.200 скијачи на час.
Третата локација на која ќе се гради скијачки центар е на планината Голак на надморска височина од 1.400 метри. Зимско – рекреативниот центар е на оддалеченост од 12 километри од Делчево, при што неговата големина ќе биде идентична на претходните два центри. „Билд“ има рок од 12 месеци за да ја изготви проектната документација за сите три локации, по што би се донела и одлуката на кој начин ќе се градат неопходните објекти. Засега е познато дека за изработка на документацијата ќе се издвојат 10.726.200 денари (околу 170 илјади евра) од буџетот на државната компанија МЕПСО. Реализацијата на овие инвестиции се составен дел на владината програма за развој на планинскиот туризам во Македонија, започната во 2012 година.