Со поддршка од општина Карпош, станарите од петте влеза на зградата на улица „Јуриј Гагарин“ бр. 54 ќе добијат нов покрив во должина од 877 метри квадратни. Досегашните салонитни азбестни табли ќе бидат заменети со висококвалитетен бел ребраст лим, кој ги задоволува современите градежни стандарди. Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски на денешната прес-конференција посочи дека ова е осма зграда на која се менува дотраениот азбестен покрив. Годинава за оваа намена веќе се потрошени околу 9,5 милиони денари, а од општинскиот буџет за менувањето на кровната конструкција се издвоени вкупно 38 милиони денари.
* Извор на фотографија: Општина Карпош
„Целта на оваа акција е во наредниве четири години да ги промениме сите азбестни покриви кај индивидуалните и колективните објекти кои се наоѓаат на нашата територија. Во таа насока, досега имаме доделено 19.600 метри квадратни висококвалитетен бел лим“ изјави градоначалникот Јакимовски. Изведбата на новите покриви се реализира во партнерство меѓу општина Карпош и жителите на станбените згради. Општината ги покрива трошоците за набавка на лим, хоризонтални олуци, ветер-лајсни, слеме и опшивки околу оџаците и вентилациите. Сопствениците на станови се должни да ја платат работната рака на изведувачот на работите и да изберат фирма-изведувач.