Градот Скопје потроши дополнителни 9.357.400 денари (околу 150.000 евра) за непредвидени и дополнителни работи за изведбата на површинската фонтана и новото поплочување на плоштадот „Македонија“. Најголем дел од средствата се одвоиле за доопремување на фонтаната со скокачки млаз како дополнителен елемент. Градските власти пронашле и причина за трошокот од над 7,9 милиони денари за оваа намена. „Со цел да се добие подобар визуелен ефект во склоп на останатите содржини на фонтаната како што се илуминација и музичка поддршка фонтаната, се спроведе постапка со преговарање без објавување на оглас за изведување на дополнителни работи“, се наведува во образложението на Градот Скопје.
Во двата објавени договори се наведува дека дел од финансиските средства биле одвоени и за систем за филтрација за да се обезбеди постојан квалитет на водата и правилно функционирање на фонтаната. „Без системот за хемиски третман на водата на фонтаната поради големиот број на елементи со филтерски делови од перфорирани материјали со дупки од мал дијаметар за кратко време ќе се инкрустрираат од отворите и во прва фаза ќе се изгуби потребниот ефект а во понатамошниот период ќе се јави потреба од чести интервенции“, образложуваат од Град Скопје.
Парите од двата дополнителни договори ќе легнат на сметката на фирмата „Трансмет“ од Скопје, која беше изведувач на реконструкцијата на плоштадот „Македонија“. За изведба на новата фонтана и поплочувањето на јавниот простор досега се издвоија финансиски средства од над 2,4 милиони евра. Проектната документација за зафатот ја изработи Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови – Прилеп.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk