Општина Карпош продолжи со акцијата за замена на старите азбестни покриви на индивидуалните и на колективните станбени објекти кои се наоѓаат на нејзина територија. Во моментов се врши санација на покрив на индивидуална куќа во населбата Тафталиџе 2. Воедно, ова е 12-ти по ред индивидуален објект кај кој ќе се врши замена на дотраениот азбестен покрив со висококвалитетен бел лим, кој е во согласност со пропишаните стандарди за безбедност на здравјето. Општина Карпош досега интервенираше и со промена на покривите на 11 колективни згради.
Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски денеска напомена дека општината планира да ги отстрани сите азбестни покриви кај индивидуалните и колективните станбени објекти кои се наоѓаат на територијата на оваа локална самоуправа до 2020 година. „Ги повикувам сите граѓани кои се заинтересирани, да аплицираат до нас, за да може Општината навремено да ги планира тие средства за конкретна намена, со што успешно би ја реализирале оваа акција за замена на старите покриви“ посочи градоначалникот Јакимовски.
Проектот за промена на азбестните покриви на објектите низ Карпош се реализира во партнерство меѓу општината и граѓаните. Во делот на колективните згради, локалната власт ги покрива трошоците за обезбедување на ребраст пластифициран лим, комплет штрафови со капи и гумици, дрвени штафни за зајакнување на постоечката конструкција и ПВЦ фолија за парни брани. Заедницата на станари од зградите треба да обезбеди средства за надоместок на работната рака и за изборот на изведувач. По идентичен принцип се одвива реконструкцијата и на индивидуалните куќи.