Претходна статија
Воз за Крива Паланка нема да видиме пред 2020 година
Следна статија
Со петиција и дружба жителите на Тафталиџе 1 ќе го бранат паркот

Нови енергетски фасади за зградите во центарот на Куманово

Објавено на 26.05.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Општина Куманово и Хабитат денеска го најавија отпочнувањето на проектот за изведба на енергетски ефикасна фасада на осумкатната станбена зграда лоцирана на централниот плоштад во градот. „Хабитат е организација која работи во рамки на проектот енергетски ефикасни фасади, станарите во осмокатницата имаат потпишано договор за кредитирање на фасадата и промена на прозорците во износ од 40.000 евра, општината партиципира 20 % поддршка на станарите, тоа е околу 8.000 евра“ нагласи кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски. Прозорците на објектот се веќе променети, а во рок од 30 дена ќе биде завршена изведбата на новата фасада.

 

Локалните власти во соработка со Хабитат планираат да ги реконструираат фасадите на пет објекти во Куманово. Предност ќе им се даде на зградите во централното градско подрачје, а веќе е дадена дозвола за реконструкција и на уште станбен објект. Преку овој проект веќе е реализирана нова фасада на една зграда, која е исто така лоцирана на градскиот плоштад. „Потребата на граѓаните се адресира на тој начин што преку интервенција на енергетски ефикасна фасада, со промена на фасадата и прозорците се доаѓа до заштеда на потрошувачка на енергија“, рече Зоран Костов, директор на Хабитат Македонија.

 

 

 

Градоначалникот Зоран Дамјановски денеска информираше дека ќе се вложат напори објектите околу градскиот плоштад да добијат освежен лик. Следен за обнова е Занаетчискиот дом, кој претставува еден од симболите на Куманово. „Ја користам приликата и да најавам дека овие денови почнува тендерска постапка за реконструкција на Занаетчискиот дом, го работиме преку Североисточниот регион во висина од 300.000 евра со промена на фасада, илуминација и внатрешно уредување. Централното градско подрачје ќе добие друг лик“, вели градоначалникот Дамјановски.