Општина Центар ја започна реконструкцијата на фасадата на зградата на улица „Цицо Поповиќ“ бр.7, со вкупна површина од 1.500 метри квадратни. Станува збор за зграда која е изградена во 1948 година, која заедно со останатите објекти ја формирале првата станбена населба во Скопје по Втората светска војна. Руинираната фасада ќе добие нов лик, а станарите во текот ќе имаат пониски сметки за затоплување и разладување на нивните домови. Општина Центар досега инвестираше во 13 енергетски ефикасни фасади во централното градско подрачје, а најавите се дека следниот објект ќе биде токму уште една зграда во населбата Пролет.
* Извор на фотографија: Општина Центар
„Како и на сите досегашни реконструкции на зградите, општина Центар става енергетско ефикасни фасади околу целата зграда, а не само на предниот дел. Ќе биде задржан автентичниот изглед, а боите ќе бидат избрани во договор со станарите. Новите фасади овозможуваат многу подобри услови за живеење, заштитени од влијанието на промените на годишните времиња и за 30% пониски сметки за електрична енергија“, велат од општина Центар.