Претходна статија
„Урбан инвест“ ќе го догради плоштадот „Пресвета Богородица“
Следна статија
Заев: Корупција од 25 милиони евра за изградба на автопатиштата

Нова „бомба“ на СДСМ: Груевски лобира за барокни фасади на ЕВН и на „Сити галери“

Објавено на 26.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев денеска објави аудио снимки во кои, според него, премиерот Никола Груевски бара од министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески противзаконски да потпише документ за изработка на барокни фасади на зградата на ЕВН и на објектот „Сити галери“ во строгиот центар на Скопје. „Миле, дај бе ако може да го завршиме ова за фасадата на ЕВН и на „Сити галери“ како техничка грешка“, му вели Груевски на Миле Јанакиески во прислушкуваните разговори пуштени на денешната прес – конференција на СДСМ.

 

 

 

„До каде оди суровоста на Груевски покажува настојувањето на Груевски кон Јанакиески, убедувајќи го дека нема да биде тој што ќе бил вовлечен во криминал, дека „таа“ од општина Центар ќе ја имала одлучувачката улога, ама од неа, сепак, да сокријат дека тоа што го прави е незаконски“, изјави Зоран Заев. Во снимките од наводниот разговор, Груевски го убедува Јанакиески дека „ако даде мислење, нема да оди во затвор“, туку ќе настрада некој од општина Центар.

 

По денешната прес – конференција од СДСМ со реакција се јавија од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. „Зоран Заев продолжува да се обидува со креирани, монтирани, сечени, лепени и прелепувани разговори да креира дестабилизација на институциите во Република Македонија, со единствена цел да се добере до власт без никаква поддршка од граѓаните. Денешните разговори на Заев и СДСМ се крајно тенденциозни, невистинити и целосно манипулативни“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Промената на надворешниот изглед на седиштето на ЕВН и на ЕЛЕМ, како и на објектот „Сити галери“ се одвива во моментов во центарот на главниот град. Идејното решение за изведба на новата неокласицистичка фасада на зградата на ЕВН и на ЕЛЕМ е изработено од Градежниот факултет од Скопје, кој бил задолжен и за подготовка на основниот проект. Препознатливиот објект на модерната архитектура во главниот град е изграден во 1962 година, врз основа на проект од познатиот српски архитект Бранко Петричиќ.

 

Објектот „Сити галери“ се реконструира со средства од буџетот на Град Скопје, врз основа на идејното решение на Лазар Димов и Никола Стакинов и на основниот проект изготвен од „Инком Инженеринг“. Авторот на оригиналното решение за објектот „Сити галери“, Славко Брезовски, кој е сè уште жив, јавно се изјасни дека е изрично против промената на неговото творечко дело и дополни дека не дава согласност за овој потег.