По три години од почетокот на градежната фаза за изградба на новиот Клинички центар во Скопје, на терен единствено е реализирана една работа – уривањето на стариот објект на Гинеколошката болница. Новата современа зграда од 61.500 метри квадратни што ја ветуваше досегашната влада никаде го нема, а социјалдемократите на оваа тема денеска одржаа и прес-конференција пред градилиштето. „Груевски заедно со Никола Тодоров, токму овде на овој ден, на 2 јануари 2014 година се шеташе покрај овие поставени тараби во Клиничкиот центар во Скопје и ви вети нов Клинички центар во Скопје до 2 јануари 2017 година. Денеска е 2 јануари 2017 година. Реалноста, како што гледате, се само тарабите“ изјави Петре Шилегов од СДСМ.
Социјалдемократите денеска ветија дека ќе изградат нов, модерен и функционален Универзитетски клинички центар за потребите на граѓаните од Скопје. Шилегов истакна дека ќе се врати концептот на единствен клинички центар, во кој граѓаните нема да се препраќаат од клиника во клиника. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека постапката за изградба на Клиничкиот центар во Скопје е веќе во тек. Тендерот за новото здание е објавен во октомври 2016 година во официјалниот гласник на Европската Унија. Од досегашната власт не излегоа со објаснување од кои причини доцни изградбата на планираниот здравствен комплекс.
„Залудно се обидува СДСМ да фрли дамка на здравствениот систем во кој се спроведува најголемиот инвестициски циклус во историјата на македонското здравство. Околу 110 милиони евра изнесува инвестицијата за градби и реконструкции на јавни здравствени установи низ државата кои се веќе комплетно завршени или се во тек“ тврдат од партијата ВМРО-ДПМНЕ. Тие велат дека изградбата на објектот ќе чини 70 милиони евра, додека модернизацијата на целокупниот кампус ќе чини 128 милиони евра. Крајниот рок за нејзино завршување не е даден во соопштението на владејачката партија.
Во планираниот нов објект на Клиничкиот центар во Скопје ќе бидат лоцирани сите клиники освен Клиниката за инфективни болести, Клиниката за детски болести, Стоматолошката клиника и Клиниката за максилофацијална хирургија, кои ќе останат во постојните објекти. Во комплексот требаше да се изградат и две катни гаражи, кои до денешен ден не се изградени. Идејниот проект го изработи италијанската фирма „Арен С.Р.Л.“ од Торино, додека подготовката на останатата проектна документација се одолговлекуваше подолг временски период.