За сума од 194 милиони денари, односно околу 3,2 милиони евра, вевчанската фирма „ВИА“ ќе го продолжи проектот за реконструкција на Општата болница во Охрид. Согласно договорот со Министерството за здравство, фирмата е обврзана градежните работи да ги заврши во рок од 8 месеци. Реконструкцијата на старото крило на болницата започна во октомври 2010 година и беше предвидено да трае 16 месеци. Кон крајот на септември 2011 година, министерот за здравство Никола Тодоров ги стопираше работите откако беше утврдено дека хируршките сали наместо по 3,5 биле високи по 2,8 метри, после што следеше префрлање на вината помеѓу проектантот („Иванов инженеринг“ од Битола) и фирмата „ДОТ Архитекти“ која учествувала во градежните работи.