Претходна статија
Граѓаните ќе можат да го откупат земјиштето под легализираниот објект и без урбанистички план
Следна статија
Откриен споменикот „Прилепски бранители“

На плоштадот „Македонија“ ќе се врати некогашната коцка и ќе се гради нова фонтана

Објавено на 07.08.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Идниот изглед на плоштадот „Македонија“ според визуелизацијата објавена на сајтот на неделникот „Република“Градот Скопје бара изведувач за изградба на фонтана и за реконструкција на плоштадот „Македонија“. Градските власти засега не ги откриваат имињата на архитектите потпишани на проектот, ниту пак објавуваат официјални визуелни материјали за планираниот изглед на овој јавен простор, иако на сајтот на неделникот „Република“ се појави визуелизација со тврдење дека токму таков ќе биде идниот изглед на плоштадот. Во денешното соопштение на Град Скопје се наведува дека современата фонтана на површинско ниво ќе биде со димензии 15х15 метри, ќе има 128 прскалки и ќе биде изведена на просторот помеѓу Камениот мост и споменикот „Воин на коњ“. Како што беше најавено уште во 2009 година, постојните гранитни плочи ќе бидат заменети со коцка, која претставуваше традиционален белег на плоштадот „Македонија“ пред последната реконструкција во 2003-2004 година. Дел од плочите ќе бидат зачувани и по реконструкцијата, додека останатите ќе бидат употребени за довршување на плоштадот кај црквата „Св. Богородица“.

 

Со зафатот е предвидено да се променат постоечките канделабри, клупи и канти за отпадоци со нови. Висината на финансиските средства допрва ќе биде утврдена, но засега се знае дека 2/3 од сумата за градба ќе биде издвоена од државниот буџет, додека 1/3 од буџетот на Градот Скопје. Во ДУП „Мал Ринг“ под плоштадот „Македонија“ е предвидено да се изгради и подземен паркинг простор со површина од 12.628 метри квадратни и сообраќаен пристап од страна на улицата Орце Николов, но засега нема никакви информации кога ќе се реализира овој инфраструктурен проект и дали ќе му се даде приоритет пред изведбата на реконструкцијата на плоштадот „Македонија“.