Претходна статија
Марио Бота утре во Скопје и во Тетово
Следна статија
Државата продава уште една парцела за „барокен“ хотел под Кале

Музејот „11 октомври 1941“ во Прилеп реконструиран и повторно отворен

Објавено на 10.10.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По повод 70 – годишнината од почетокот на оруженото востание на македонскиот народ, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска во Прилеп го отвори реконструираниот Музеј „11 октомври 1941“. Со градежните работи, кои започнаа на крајот на април годинава, санирана е надворешната фасада, дренажата на објектот, обновени се поставките во установата, а извршени се и други помали зафати. Паралелно со реконструкцијата на музејската институција, во тек е и реконструкцијата на платото пред музејот и поставувањето на споменикот на народниот херој Кузман Јосифовски – Питу.

 

Музејската поставка се простира на 236 метри квадратни во три изложбени сали во кои се поставени автентични фотографии, укази, оружје и муниција. Музејот е препознатлив по огромниот мурал на тема „Национално ослободителните борби на македонскиот народ“ од познатиот ликовен уметник Борко Лазески. Денешната зграда на музејот всушност претставува нападнатиот полициски Участок во кој била сместена окупаторската полиција. Последната реконструкција на објектот е вршена во 1983 година,  а за споменик на културата Меморијалниот музеј е прогласен во 2003 година. За реконструкцијата на музејот беа потрошени 3 милиони денари од буџетот на општината и Министерството за култура, а дополнителни финансиски средства се одвоени од прилепската локална самоуправа за реконструкција на платото во строгиот центар на Прилеп.

 

 

Бојан Блажевски