Претходна статија
Се нуди земјиште за станбени згради во Штип
Следна статија
Почна изградбата на пречистителна станица во Волково

Македонски железници тешко се опоравуваат од кризата

Објавено на 06.12.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Железницата бележи мал раст во обемот на превезена стока и патници. Во прилог на ова се показателите  на Државниот завод за статистика за третиот квартал од 2010 година кои говорат за зголемување на обемот на превезената стока од 5,8% и на превезените патници од 6,8% во однос на истиот период лани.


Товарна композиција јужно од ВелесОд податоците на државната статистика може да се согледа дека железницата не го држи чекорот на зголемен обем на превезена стока и патници со останатиот вид на транспорт во земјата. Бројот на патници во воздухопловниот сообраќај е зголемен за 13,3% во однос на истиот период лани, додека обемот на превезена стока е за 14% зголемен во однос на третиот квартал од 2009 година. Слична е состојбата и во патниот сообраќај. Бројот на превезени патници во патничкиот сообраќај е зголемен за 16,2% во однос на истиот период лани, додека обемот на превезена стока во товарниот патен превоз е зголемен 15,9% во однос на третиот квартал од 2009 година.


И во однос на железниците од регионот, Македонски железници поспоро се опоравува. Српските железници во првите девет месеци од 2010 година реализирале 2,6 милијарди нетотонски километри, што е за 22% повеќе во однос на истиот период лани и за дури 13,4% повеќе во однос на планот за работа, се истакнува со ноемврискиот број на списанието „Пруга“. Српските железници од товарниот сообраќај заработиле 32,7% повеќе во однос на вкупниот приход од минатата година.  Во Србија бројот на превезени патници со воз е намален за 10,5% во однос на 2009 година, но поради зголемената цена на билетите е зголемен и вкупниот приход во патничкиот сообраќај во првите девет месеци од 2010 година.


И во Хрватска е забележан раст на превезената стока со железница. Во првите девет месеци од 2010 година се превезени 8,87 милиони тони стока, што е за 6,6% повеќе во однос на првите девет месеци од 2009 година објавува хрватскиот неделник „Национал“.


Најголемо зголемување на обемот на презена стока со железница е забележано во Босна и Херцеговина. Агенција за статистика на БиХ објави дека обемот на превезена стока во вториот квартал од 2010 година е зголемен за 35,9% во однос на истиот период од 2009 година, додека бројот на превезени патници е зголемен за 4,9% во однос на вториот квартал од 2010 година.



Визната либерализација не донесе нови патници


Обемот на превезени патници во меѓународниот железнички сообраќај е намален за 11,1% во однос на третиот квартал од 2009 година. Со воз кон некоја од странските дестинации се упатиле само 8.000 патници во третиот квартал од 2010 година. Ваквото намалување на бројот на патници е надвор од логиката на нештата, бидејќи токму во 2010 година е укинат визниот режим за македонските граѓани кои патуваат во државите членки на ЕУ.  Иако во другите видови на транспорт е забележан зголемен обем на превезени патници во меѓународниот сообраќај, за жал, Македонски железници не ја искористи оваа можност, посебно во однос на превозот на патници со меѓународните повластици „Интер раил“ и „Балкан Флексипас“.


Бојан Блажевски