Огромен дел од постоечките станбени згради и објекти во кои се сместени јавните институции во наредните години треба да се реновираат во насока на реализација на мерките за енергетска ефикасност. Најновата анализа за постигнување на националните енергетски цели усогласени со ЕУ – препораките, покажува дека е неопходно да се санираат 1.153.000 метри квадратни од фондот на згради во земјава, од кои 822.000 метри квадратни се однесуваат на приватниот станбен фонд. Најголем дел од станбениот фонд во Македонија, поточно 78%, е изграден во периодот од 1946 до 1970 година и токму кај овие градби треба да се посвети најголем дел од вниманието на властите. Засега во земјава се реализираат минимални инвестиции за решавање на проблемот со натпросечната потрошувачка на енергија од објектите. Локалните самоуправи предничат во спроведување на реновирањето на зградите, додека речиси и да не постојат иницијативи од самите граѓани за реализација на вакви зафати.
Градежниот сектор сеуште не е подготвен за спроведување на мерките за енергетска ефикасност. Податоците говорат дека се потребни минимум 12.400, а максимум 16.020 нови градежни работници, директно вклучени во изградбата, како дополнителна работна сила што треба во иднина да се влезе во овој сектор. Минималната годишна побарувачка на работници во високоградбата за спроведување на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија ќе изнесува 49.000 работници, додека максималната бројка би изнесувала 53.400 лица. Ако се следат препораките на Европската унија за трипроцентно реновирање на приватниот станбен фонд и петпроцентно реновирање на јавниот станбен фонд, тогаш на годишно ниво треба да бидат обучувани околу 2.800 работници за овие области.
Оваа година треба да започне процесот за издавање на енергетски пасоши на објектите, кои ќе бидат изложени на контрола и целокупниот процес ќе се спроведува со правилници. „Примарни во делот на енергетските контроли ќе бидат јавните институции, а следната фаза ќе ги опфати старите и сите приватни објекти. Пасошите нема да ја зголемат цената на становите, куќите, зградите, ќе бидат само новина која ќе значи потврда за квалитетот“, вели Лазар Гечевски, директор на Агенцијата за енергетика. Главната цел на овие мерки утврдени од страна на Европската унија е заштеда на 20% енергија до 2020 година преку имплементација на енергетската ефикасност. Нацрт – верзијата на Извештајот за капацитетите на градежниот сектор во областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија е изработена во рамките на проектот „Build up skills – Градење капацитети во градежниот сектор во земјава“.