Мега – скандалот со прислушкувани разговори во Македонија почна да го бранува и градежниот сектор. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес – конференција објави аудио снимки од телефонски разговори помеѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, во кои тие се договараат околу уривањето на станбено – деловниот комплекс „Космос“ во скопската населба Ќерамидница [»мапа]. Опозициската партија објави разговори во кои овие членови на извршната власт го координирале уривањето на објектот, во кој инвеститорот Фиат Цаноски имаше намера да вложи околу 30 милиони евра.
* Од рушењето на комплексот „Космос“
Во првиот разговор што го објави Заев, Груевски и Јанакиески го договораат терминот кога на инвеститорот Цаноски ќе му биде врачено решението за уривање на објектот во Скопје. Во втората снимка, Груевски му се јавува на Јанакиески со нов предлог за менување на Деталниот урбанистички план, за на локацијата на „Космос“ да се направи убав парк со „фонтани со чуда“. Набргу потоа, премиерот Никола Груевски му се јавува на министерот Јанакиески за да се смени и Генералниот урбанистички план и таму да се предвиди, како што вели, парк и зеленило.
Лидерот на СДСМ Заев објави и разговори во кои се договара терминот за рушење на комплексот „Космос“. Премиерот Груевски му препорачува на министерот Јанакиески тоа да биде по собраниската седница за избор на Владата, по парламентарните избори во 2011 година, за, како што се наведува во снимките, опозицијата случајно да не излезе од парламент. Потоа Груевски се премислува и сугерира рушењето да се спроведе на 1 август, кога почнува „фул сезона на годишни одмори“. Во објавените разговори се спомнува судијка која би можела да даде забрана за уривање на објектот, по што премиерот му предлага на својот министер да се јави кај „највисокиот“ во судот.
Во наредните разговори што денеска ги обелодени Заев се зборува за техничките аспекти од рушењето на столбовите на комплексот „Космос“, при што премиерот Груевски изразува незадоволство од тоа што до тој момент е срушено, со забелешка дека се работи за ситна штета. Во следната аудио снимка, самиот премиер Груевски предлага, ако зградата е онеспособена, да се остави инвеститорот Фијат Цаноски самиот да ја доруши до крај.
Веднаш по објавените телефонски разговори, Сефер Цановски – син на Фијат Цаноски соопшти дека снимките покажуваат дека се работи за политички мотивирано уривање на комплексот „Космос“, при што дополни дека тие се доволни за случајот да го добијат на судењето во Стразбур. Наместо со реакција на конкретната тема во публикуваните разговори, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека лидерот на СДСМ Зоран Заев обработува за странски центри, дополнувајќи дека станува збор за креирани разговори.
Со поконкретна реакција попладнево излезе општина Гази Баба. Оттаму напоменуваат дека во текот на градењето од страна на градежната инспекција на општината било констатирано дека инвеститорот не се придржува согласно одобрението за градење, односно дека имало големи отстапувања, кои според ниту една постапка според Законот за градење не можеле да се вклопат во планската документација. Од општина Гази Баба велат дека Генералниот урбанистички план на Град Скопје и Деталниот урбанистички план не се променети, но и дека инвеститорот има градежна дозвола со која може од темел повторно да почне со изведба на комплексот „Космос“.
Станбено – деловниот објект „Космос“ почна да се руши на 1 август 2011 година. Локалната самоуправа од Гази Баба тогаш нагласи дека постои висинско отстапување од 1,43 метри, како и изведба на армирано – бетонски плочи, парапет и столбови на приземјето, кои се во спротивност со основниот проект. Инвеститорот Фијат Цаноски уште тогаш тврдеше дека целиот случај има политичка позадина. Инвестиција за изградба на објектот во кој би домувале околу 4.000 луѓе беше обелоденета во 2009 година.