Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, и директорот на невладината организација „Хабитат“, Зоран Костов, денеска потпишаа Меморандум за обновување на фасадите на станбени објекти на територијата на оваа општина. На јавниот повик од локалната власт се пријавиле 32 колективни станбени згради, кои обезбедиле согласност за промена на прозорците и балконските врати на најмалку 70% од сопствениците. Во првата фаза од проектот ќе се реконструира надворешниот изглед на 15 станбени згради, при што локалната самоуправа ќе издвои 11 милиони денари од својот буџет. По завршувањето на санацијата, се проценува дека граѓаните ќе заштедат околу една третина на сметките за греење.
Општина Центар ќе го финансира поставувањето на нова фасада со термичка изолација на објектите, додека станарите од зградите ќе можат да подигнат кредит од „Хабитат“ за промена на прозорските и балконските врати, во насока на максимална заштеда на топлинска енергија во објектите. Градоначалникот Жерновски нагласи дека со проектот нема да се менува постоечкиот надворешен изглед на станбените згради и најави дека оние што не влегле во првата фаза, ќе бидат земени во предвид при реализација на наредните етапи од проектот. Во соработка со невладината организација „Хабитат“, локалните власти во Центар пред неколку месеци спроведоа реконструкција на фасадите на 11 објекти.