Граѓанско незадоволство против изградбата на нова станбена зграда на една од последните слободни парцели во скопската населба Стар Аеродром. Како што информира „Радио МОФ“, инвеститорот во идната десеткатница на локацијата кај Тобако 2 го оградил со тараби градилиштето, додека жителите од соседните згради ги урнале поставените огради. На оваа локација се наоѓаше детско игралиште и мал парк за одмор на граѓаните, но овие содржини од јавен карактер се наоѓаат на приватно земјиште. Сопствениците на оваа парцела пронашле градежна фирма што ќе гради станбен објект на оваа локација, но граѓаните од соседните згради се противат на овој потфат.
На социјалните мрежи со денови се негодува поради изградбата на овој станбен објект кај Тобако 2. Граѓанските иницијативи „Сакаме Аеродром да дише“ и „Скопје Смог Аларм“ веќе побараа од градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин да ја стопира изградбата на оваа зграда и да направи ревизија на постојниот урбанистички план. Непознати граѓани завчера срушиле дел од поставените тараби како резултат на нивниот револт против претстојните градежни работи на оваа локација.
*Извор на фотографија: Радио МОФ
Негативната реакција на граѓаните од населбата Аеродром доаѓа само неколку недели по одржаните собири и јавни негодувања на граѓаните против изградбата на станбена зграда кај Мајчин дом. Општина Аеродром нема покренато иницијатива за менување на постојните ДУП-ови за овие локации, иако граѓанските иницијативи со години бараат да се спроведе овој чекор. Особено негодување има кај граѓаните од населбата Стар Аеродром, која што е буквално окупирана од десетици нови станбени згради во изминатиов период.
Во исто време, зелените површини на оваа локација се сведени на минимум, сообраќајниот метеж е зголемен, додека граѓаните од постојните згради не можат да најдат слободно паркинг место пред своите згради. Во меѓувреме, ниту еден од инвеститорите на овие станбени згради, вклучувајќи ја и самата Општина Аеродром, нема вложено ниту денар во изградба на нови училишни објекти и градинки што ќе го примат напливот на нови деца што се вселуваат во новите станбени објекти.