Во октомври треба да започне изградбата на новата штипска Клиничка болница, инвестиција вредна 30 милиони евра. Објектот ќе има бруто површина од 34.000 метри квадратни и ќе се гради во рамки на постоечкиот болнички комплекс, на просторот меѓу главната болничка зграда, зградата на инфективното одделение и зградата на педијатрија. Доколку работите течат според планираното, објектот ќе биде ставен во функција во рок од три години.
Автори на проектот се Љиљана Митровиќ и Горана Митровиќ со соработниците Срѓан Митровиќ, Иво Антонијевиќ и Филип Недевски, за што ја добија Наградата за проект од областа на архитектурата на 17-то биенале на македонската архитектура „БИМАС 2014“. Подготовката на деталната техничка документација траела околу две години, а на неа работеле пет стручни тимови за архитектура, статика, електрика, машинство и водовод. Дополнително и посебно задолжени лица за противпожарна заштита, животна средина, звук, енергетска ефикасност, и заштита на градежната јама.
Новата Клиничка болница ќе биде распределена на 8 нивоа, каскадно поставени на теренот. Објектот има две целини: првата се состои од три катни висини каде ќе бидат организирани сите болнички одделенија, а втората целина се состои од четири нивоа – подрум, ниско приземје и први кат. Во подрумските простории се сместени сите технички и сервисни одделенија како и одделот за патологија и судска медицина. Во ниското приземје се сместени Ургентниот центар, радиолошко дијагностичкиот оддел, централните гардероби и лабораторијата, болничката аптека и стерилизацијата. Во приземјето и пониските нивоа се сместени 17 амбуланти, дополнети со специјализирани простори за прегледи и третман, како и дневни болници за трансфузиологија, дневна хирургија со три мали сали, хемотерапија психијатрија, служба за превенција и третман за зависности од дрога.
Планирано е 80% од собите во одделенијата за нега на хоспитализирани болни да бидат 4-креветни, 10% да бидат 2-креветни и 10% 1-креветни соби. Секој стационар ќе има приемен простор, простории за поддршка, простории за персонал и заеднички простории. Проектиран е и интерен систем за пневматска пошта кој ќе ги поврзува лабораторијата со дијагностиката и оперативниот дел. На крововите на објектот е предвидено да се изведат градини, од кои дел ќе бидат проодни и ќе можат да се користат од вработените и пациентите.