Претходна статија
ИНТЕРВЈУ: Кандидати за градоначалник на Скопје
Следна статија
Објавен тендер за реконструкција на објектот Албански театар - Скопје

ИНТЕРВЈУ: Јани Макрадули – кандидат за градоначалник на Скопје

Објавено на 04.04.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Јани МакрадулиКандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на „Сојузот за иднината“ Јани Макрадули во интервју за „Билд“ нуди замена на идејата за изградбата на трамвај во Скопје со решавање на проблемите со критичните сообраќајни точки во градот преку изградба на подземни сообраќајници и подвозници, но и преку преземање мерки за развој на велосипедскиот транспорт. Ако ја добие довербата од скопјани, ветува дека ќе го реализира проектот „Единствен систем за паркирање“ на територијата на целиот град. Ревизија на проектот „Скопје 2014“ во делот кој е под ингеренции на Град Скопје, создавање на „зелени коридори“ во метрополата,  изградба на нов Бит – пазар, спроведување на гасификацијата по пат на јавно – приватно партнерство се само дел од проектите кои кандидатот за градоначалник Јани Макрадули планира да ги реализира во претстојниот мандат.

 

 

 

Класичниот трамвај кој што се сугерираше во изминативе години наиде на реакции од експертите дека би го успорил постоечкиот сообраќај на скопските улици и булевари, а како особено невралгични точки се напоменуваат центарот на градот и делот кај Новата железничка станица. Каква идеја од вашата програма би им понудиле на граѓаните во насока на создавање ефикасен алтернативен превоз во градот, кој би бил одделен од постоечкиот сообраќаен метеж на улиците и булеварите?

 

Вистина е дека во Скопје, покрај урбанистичкиот хаос, владее и сообраќаен хаос, и тоа не само за време на утринските и попладневните шпицови. Не би сакал да зборувам за метежот кој настанува кога во главниот град врне дожд или пак, кога се исклучуваат семафорите. Во мојата програма не е застапена идејата за трамвај, туку како изводливо решение за овој проблем се разработува изградбата на новиот подвозник на булеварот Александар Македонски, каде во изминативе 4 години се случиле 179 сообраќајни несреќи. Со овој подвозник, не само што ќе се зголеми безбедноста на граѓаните, туку тој ќе придонесе и за намалување на метежот. Потоа, во центарот на Скопје, како дел од проектот за обединување на двата дела од градот, планирана е изградба на пешачка зона, од Музејот на град Скопје до Старата скопска чаршија и подземен тунел, како и изградба на два моста, од кои првиот ќе го поврзува булеварот Илинден со населбата Влае, а вториот во населбата Кисела Вода, мостот на Маркова река, кој се наоѓа во состојба на распаѓање. Сакам да напоменам дека ќе се зголеми и фреквентноста на автобуските линии кои сообраќаат до скопскиот аеродром, а ќе бидат воведени и нови линии, со цел да се поврзат повеќе населби во градот.

 

 

Развојот на велосипедскиот транспорт во македонската метропола е на многу ниско ниво, со патеки окупирани од автомобили и без соодветни паркинзи на фрекфентни локации. Какви решенија нудите за изградба на велосипедски патеки и паркинзи, како и за воспоставување на автоматски систем за изнајмување јавни велосипеди?

 

Целосно се сложувам со вашата констатација за ниското ниво на велосипедскиот транспорт, окупираните тротоари и немањето соодветни паркинзи за велосипеди. Причини за тоа има многу. Една од нив секако се погрешните приоритети на Град Скопје, дополнителната концентрација на јавни институции на само 1 километар квадратен во центарот на градот, при тоа без инвестиции во инфраструктурата и без почитување на стандардите. Решавањето на проблемите од овој тип се многу значајни и од аспект на економичноста и намалувањето на сообраќајниот хаос. Особено загрижува фаворизирањето на автомобилите во однос на велосипедите и пешаците. Сите проширувања се направени на сметка на велосипедски и пешачки патеки. Но, наместо да се решаваат, се изведуваат шминкерајски зафати кои дополнително го отежнаа велосипедскиот транспорт. Во мојата програма, разработени се проекти за целосно решавање на овој проблем со воведување на „smart“ систем за изнајмување и паркирање велосипеди на територијата на целиот град и изградба на нови, посебни велосипедски патеки по примерот на Амстердам. Проектот „О (нулта) толеранција“ за возилата на тротоарите ги надополнува овие проекти. Тоа значи целосно слободни тротоари и велосипедски патеки. Предвидуваме, за секоја сообраќајница која се гради, да има задолжителен простор за пешаци и велосипеди. И за разлика од досега, ќе изградиме патека за велосипеди од центарот на градот до населбата Радишани.

 

 

Кои се трите нереализирани сообраќајници во метрополата кои што сметате дека треба да се изградат во вашиот мандат и кои од постоечките улици и булевари сметате дека треба да се реконструираат и прошират за да се намалат критичните точки на кои се создава сообраќаен метеж?

 

Сообраќајниот метеж во Скопје значително се влоши во изминатите неколку години. Веќе ги споменав погрешните приоритети, концентрацијата на јавни објекти во центарот на градот и шминкерајскиот пристап во проширувањето на два – три булевари со една лента, без притоа да се води сметка за пешаците и велосипедистите. Така се создаде дополнителен хаос. Се отворија повеќе критични точки и сега може да кажеме дека нема сообраќаен шпиц во одредени часови од денот, туку имаме метеж во текот на целиот ден и сообраќаен хаос во глобала. За решавање на овој проблем, потребен е целосно нов систем за планирање и реализирање на сообраќајот во градот. Мојата визија за Скопје како „паметен град“ (smart city) е тоа што развојот на Скопје ќе го динамизираме, не само во инфраструктурата, туку пред сè во начинот на функционирање и комуникацијата. Во делот на инфраструктурата во програмата, опфатени се неколку клучни проекти кои значително ќе придонесат во олеснување на сообраќајната комуникација. Притоа, ги следам препораките на експертите, метежот во Скопје да се реши само со алтернативни сообраќајници на повеќе нивоа. Тоа е изградба на пешачка патека од Музејот на град Скопје до Старата скопска чаршија, а тоа изискува три подземни сообраќајници во центарот на градот (пред Музејот на град Скопје, пред пешачкиот дел од улица Македонија и на „Рекорд“), продолжување на булеварот Илинден со изградба на комплетно нов мост со кој ќе се поврзат Карпош и Ѓорче Петров, како и изградба на нов мост на Маркова река во Кисела Вода.

 

 

Проектот „Скопје 2014“ постана неизоставен дел од животот на македонската метропола. Како би успеале да ги вклопите овие зданија, споменици и скулптури од централното градско подрачје во вашата програма за работа и натамошниот развој на центарот на градот?

 

Проектот „Скопје 2014“ е прескап, непродуктивен, кичерајски и содржи основни сомневања за огромен криминал и корупција. Во време на економска криза и сиромаштија, кога граѓаните врзуваат крај со крај, за овој мегаломански проект се потрошија 500 милиони евра. Сè уште имаме населби без канализација, водовод, парно, ама во центарот на градот оваа власт потроши половина милијарда евра пари на граѓаните за жални врби, златни гаќи, за бронза и мермер. Скопје има долга традиција и наместо таа наша приказна да се почитува, цел град стана жртва на погрешните политики и фрустрации на Никола Груевски. Дополнително, зад ова огромно трошење пари, постојат многу сомнежи за корупција, криминал и перење пари, констатирани во извештаи на државни институции. Затоа е потребно да се направи целосна ревизија на проектот, врз основа на закони и прописи и затоа јас ја ветувам оваа ревизија во мојата програма. Освен референдум за дислокација на одредени споменици, во програмата предвидуваме и пренамена на некои згради. Веќе во јавноста позитивно е оценет предлогот новата барокна зграда на „Водовод“ да се пренамени и да се додели на невладините организации кои работеа во Скопје и да прерасне во интернационален контакт центар. Со тоа, Градот Скопје директно ќе помогне на невладиниот сектор и ќе придонесе за отворање на стотици нови работни места. Таква е мојата визија за Скопје. Градот да се развива свртен кон граѓаните, нивните потреби, кон иднината и отворањето на нови работни места, а не кон минатото и барокот кој не носи ништо.

 

 

Недостигот на паркинг места е проект на кој допрва треба да се работи, иако изградбата на катни гаражи последниве години доби на интензитет. Кои се критичните точки во Скопје на кои би изградиле нови паркинг места и како би го решиле проблемот со преоптовареност на паркинзите во централното градско подрачје?

 

Изградбата на катни гаражи, кои преку ноќ се трансформираат во бизнис центри, е класично остварување на бизнис интересите на поединци блиски со власта, локална и централна, и тие воопшто не го решија проблемот со паркирањето. За решавање на овој сериозен проблем на скопјани, во мојата програма детално го разработивме проектот „Единствен систем на паркирање“, кој исто така е дел од визијата за развој на Скопје како „паметен град“ (smart city). Системот ќе ги интегрира сите паркинг простори, со што ќе се овозможи контрола на обемот на паркирање и точките на оптеретување, односно ќе се овозможи планирање на нивното растеретување. Со овој систем придобивките се големи и се однесуваат најмногу на возачите и на граѓаните. Начинот на плаќање ќе го избираат самите возачи и нема да има хаотични различности, а што е најважно, цената на паркирање значително ќе се намали, особено во центарот на градот, на само 30 денари.

 

 

Старата скопска чаршија како историско катче повторно го привлекува интересот на граѓаните за редовна посета. Сепак, нејзината ревитализација претставува процес на кој треба во континуитет да се работи. Што Вие би направиле за нејзино заживување и развој во наредните години?

 

Старата скопска чаршија и Бит пазар не треба да му противречат на урбано Скопје, туку напротив, со сиот свој сјај да го изразуваат она што е типично за Скопје. Во мојата програма има повеќе проекти кои се дел од мојата визија за обединување на Скопје во различностите. За мене, секој дел од Скопје е подеднакво важен и затоа, наместо во два одвоени плоштади и споменици кои нè делат, ќе вложувам во економски развој и во условите за работа на цело Скопје, пред сè за младите. Затоа во мојата програма, освен предвидената изградба на нов, модерен Бит пазар, централно место зазема отворањето на нови работни места во целиот град. Еден од проектите кои ќе го овозможи тоа е проектот „Од средно училиште на работа“, со чија реализација ќе се мотивираат младите, преку стипендирање на диференцираните струки, да отворат дуќан во Старата скопска чаршија. Како човек од образованието, ќе вложувам во образованието. Како човек близок и наклонет на младата популација, ќе направам сè за нив. Тоа е мојата визија, тоа е „линкот“ кој ќе ги смени денешните поразителни резултати за невработеноста на младите. Старата скопска чаршија ќе биде дел од посебна тура на туристичката мапа на градот со повеќечасовен престој, каде туристите ќе можат да видат, купат, но и вкусат нешто. Во вечерните часови ќе се организираат културни манифестации и недели на одредена култура.

 

 

Во многу европски градови се стимулираат граѓаните да се отселат од центарот на градот, додека за компаниите се градат посебни квартови во кои пулсира економскиот развој. Во „срцето“ на Скопје се чувствува пренаселенот на луѓе и огромна густина на објекти. Кои се вашите предлози за решавање на ваквиот проблем?

 

Градот со последните измени во делот на урбанизмот изгуби дел од своите ингеренции. За жал, сега мислењето на градските власти не е обврзувачко за општините кои си тераат по свое без некаков план, а единствено важен им е профитот. Така на пример, јавноста не знае доволно дека градот не дал позитивно мислење за стокатниците спроти хотелот „Холидеј Ин“, но општина Центар тоа го игнорира. Мора да го промениме тоа со соодветно подигнување на јавната свест. Не може доколку имате земјиште во ваша сопственост, вие да правите што сакате со градбата. Таа мора да е во некаков план или содејство со околината. Нема да најдете пример како што на еден белосветски криминалец како Субрата Рој ќе му поклоните земја во строгиот центар на градот, за тој да си прави што сака. За сите планови, ставот на градот ќе биде јавен и транспарентен и ќе им укажува и помага на граѓаните. За да се надмине оваа состојба, овој хаос кој е најизразен во центарот на градот, не може да се одберат само неколку проекти, иако голем дел од оние што ги споменав во претходните прашања, значително ќе влијаат позитивно. Одговорот на ова прашање е во целосната реализација на мојата програма. Тоа е визија за целиот град, не само за центарот.

 

 

При изготвувањето на последниот Генерален урбанистички план, стручната јавност напомена дека на македонската метропола под итно и треба изградба на нови зелени површини. Имате ли идеи за нови паркови во Скопје и каде истите би ги распослале?

 

Во изминатите 4 години Скопје доживеа естетски земјотрес, но пред сè Скопје доживеа еколошка катаклизма која највеќе се одрази врз здравјето на скопјани. За време на мандатот на ВМРО – ДПМНЕ од банални причини се уништија огромен број на паркови и зелени површини, како паркот спроти „Бристол“, кај „Домот на АРМ“, во паркот „Жена – борец“, околу плоштадот „Македонија“, паркот зад главната пошта и многу други. Јас со мојот тим имам план кој е вметнат во мојата програма за реализација на мојата стратешка определба за зголемување на зелените површини во Скопје и намалување на загадувањето. Новата градска власт ќе овозможи поврзување на зеленилото од Парк – шумата Водно со градското зеленило и создавање т.н. „зелени коридори“. Со нови 500 илјади метри квадратни зелени површини ќе овозможиме Скопје повторно да дише чист воздух. За реализација на оваа цел, го презентиравме револуционерниот проект за раззеленување на градот преку ботанички градини на крововите. Овие градини, односно „зелени кровови“, имаат многу позитивни ефекти. Делуваат како изолација на објектот со што се штеди енергија, естетски ја разубавуваат средината, ја чинат поприродна и што е најважно, го прочистуваат воздухот. Овој проект го надополнуваме со други проекти кои значително ќе допринесат за зголемување на зелените површини. Таков е проектот за ботаничка градина во Парк – шумата Гази баба. Јас, се обврзувам за 4 години од мојот мандат Скопје да ги достигне европските стандарди за зелена површина по жител. Се обврзувам Скопје повторно да вдише чист воздух кој ни е неопходен.

 

 

Еден град не го заслужува терминот „метропола“ доколку нема задоволителен број на музеи, театри и културни центри кои што би одговориле на уметничките потреби на граѓаните. Какви културни институции му недостигаат на Скопје, што Вие би реализирале на овој план во вашиот мандат?

 

Со години културата во Скопје е сведена на фасади и интервенции со кои повеќе се внесува забуна во идентитетот на граѓаните, отколку негово развивање. Скопје денес нема културен идентитет, туку наметнат кич без суштина. Затоа, во мојата програма значително место зазема културата и културниот развој на Скопје. Прв показател за тоа е ветувањето за зголемување на буџетот за култура, и тоа како почетен стимул. Проектот „Независна културна сцена и млади“ предвидува пренамена на дел од катната гаража кај МРТВ, со што ќе обезбедиме место за вежбање на млади, надежни бендови. Овој проект ќе ангажира стотици млади уметници од сите области. Дополнително, по примерот на Њујорк, ќе ангажираме годишен уметник – резидент кој ќе учествува во обликувањето на урбаниот, модерен лик на Скопје. Имаме сериозен проект за поттикнување на вистинските културни вредности кај најмладите, како што е проектот „Прв научен музеј за деца“. И секако, ќе ја вратам скопската шема на излегување во четврток, а локалите тој ден ќе бидат ослободени од давачки кон градот, со цел трошокот на излегување да биде помал.

 

 

Гасификацијата беше најавена од повеќето кандидати за градоначалник на Скопје. Во градот допрва треба да се гради секундарната мрежа и приклучоците за домаќинствата и индустриските објекти. На кој начин би го оствариле ова ветување во претстојните четири години?

 

Со гордост можам да кажам дека гасификацијата е тема која ја наметнаа кандидатите за градоначалници од „Сојузот за иднината“. Целосната гасификација на Скопје е една од моите клучни определби, а реализацијата во Струмица и Куманово, општини предводени од СДСМ, е најголем доказ за остварливоста на оваа моја заложба. Гасификацијата на Скопје ќе ја спроведуваме паралелно со воведување на енергетската ефикасност на објектите. Проектот во мојата програма се базира врз формирање на посебна, заедничка компанија за дистрибуција на природен гас, преку концептот на јавно – приватно партнерство со веќе постојната ГА – МА. Со тоа ќе се овозможи гасификацијата да започне веднаш и во првите шест месеци да бидат вклучени сите средни училишта. Трошоците за изградба на приклучоците ќе ги превзеде Градот Скопје, а потоа и компанијата. Како еден од покрупните проекти во енергетиката ќе биде и изградба на дистрибутивна гасоводна мрежа во Радишани во должина од 22 километри, во вредност од 1,7 милиони евра. Мојата визија е заокружен, комплетен проект кој внимава на секој аспект од живеењето на скопјани. Со гасификацијата значително ќе ги намалиме трошоците на скопјани, но најважна ќе биде здравата животна средина.

 

 

Нерамномерниот развој на главниот град, на Аеродром наспроти Сарај или на Карпош наспроти Шуто Оризари се зголемува. Јазот на изградени објекти и инфраструктура мора да се ублажи преку мерки што ќе ги осмисли градскиот татко. Какви проекти би понудиле за постигнување изедначен развој на сите делови на Скопје?

 

Мислам дека одговорот на ова прашање е содржан во целата моја програма, иако конкретни примери има во одговорите на претходните прашања. Рамномерен развој на еден град се постигнува со реализација на програма која нуди таква визија, остварлива и реална. Јас имам визија да ги обединам граѓаните и преку рамномерен развој, и преку создавање на еднакви услови и еднакви можности за сите, пред сè за младите. Градот добива од секоја општина 60% од комуналиите, но сведоци сме дека не враќа назад рамномерно, а парите на сите граѓани се трошат само во центарот на градот. Замислете, градоначалникот Трајановски, за Нова година го украсува само центарот на градот, како дечиња да не живеат во другите скопски општини.

 

 

Каков е вашиот став за административната организација на Скопје, каде ги лоцирате проблемите кои произлегуваат од постоечката поделба на општините и на кој начин тие би можеле да се надминат во насока на побрз развој на метрополата?

 

И како пратеник, а и сега како кандидат за градоначалник на Скопје, како приоритет број еден ми била транспарентноста во работата на државните органи, особено во начинот на трошење на народните пари. Секој граѓанин има право да знае како се носат одлуките и како се искористуваат средствата од градската каса. Во рамките на „Проектот 10“, во секоја општина ќе се формираат градски квартови, во кои локалните жители не само што ќе се рекреираат, туку ќе имаат и можност да добиваат корисни информации за работата на градската администрација, да добиваат и одредени услуги кои се во зависност од градот, а притоа преку проектот „Скопски дијалози“ ќе можат и директно да учествуваат во креирањето на политиката на Скопје. Овој проект не содржи посредници, нема хиерархија и формалности, туку претставува директна, отворена и транспарентна комуникација на скопјаните со скопската локална власт. Паралелно со ова, ќе се развива и проектот Sk4B (Скопје за бизнис), со што градот ќе овозможи едноставно и ефикасно водење бизнис. Се планира за една година сета комуникација со градската власт да се одвива по електронски пат, сите документи кои ги издава Градот да се добиваат преку електронска процедура и сите услуги од јавните претпријатија да се достапни и на располагање преку електронски барања. Согласно демократските стандарди, ќе обезбедам достапност за трошоците на градот преку посебна Web страница во рамките на градскиот портал и ќе го подигнам институционалниот капацитет на градската администрација, особено во одделението за проекти со европски пари.

 

 

Во урбанистичкиот план за центарот на Скопје пред една година накратко беше внесен предлогот за претворање на улицата Димитрија Чуповски во пешачка зона. Постојат ли конкретни идеи за реализација на ваквиот предлог и како би ги зголемиле пешачките површини во централното градско подрачје?

 

Во мојата програма нудам проширување на идејата, со сосема нов проект за пешачка патека од Музејот на град Скопје, со нов плоштад на солидарноста, преку плоштадот па сè до Старата скопска чаршија. И не само во однос на пешачките зони, симболично, реализацијата на овој проект ќе го означи и обединувањето на Скопје. Воедно, во рамки на проектот „О (нулта) толеранција“ повеќе ќе нема паркирање на пешачките патеки.

 

 

Кој капитален објект што би сакале да го изградите остана недоречен или пак кое катче од градот сметате дека е вредно да се ревитализира и да се наведе како одговор на ова прашање?

 

Идејата за „паметен град“ (smart city) не е само метафора или странски збор употребен во програмата, тоа е визија за нашето Скопје. Визија за паметен град со сите атрибути и карактеристики. Како таква, таа вклучува повеќе капитални проекти кои беа детално објаснети.