Реконструкцијата на специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид се одвива во согласност со предвиденото темпо и се очекува да биде финализирана до април 2017 година. Реконструкцијата на здравствениот објект ги опфаќа одделите за ортопедија, трауматологија и комплексот за кардиоваскуларни заболувања. Во изминативе седум месеци се работи на уредување на болничките соби, операционите сали, амбулантите и лабараторијата. За потребите на оваа болница е набавена и нова медицинска опрема.
* Извор на фотографија: Општина Охрид
Истовремено, на терен се одвиваат и градежни работи во делот каде што е сместен Заводот за кардиологија. Комплетната реконструкција на болницата ќе опфати површина од 5.623 метри квадратни. Изведувач на проектот е фирмата „Виа Инженеринг“ од Вевчани. Од државниот буџет за спроведување на реконструктивниот зафат се одвоени финансиски средства во висина од 219.100.195 денари, односно околу 3.500.000 евра.