Претходна статија
Отворена изложба на современата полска архитектура
Следна статија
Се продаваат парцели за викендички и хотел на Пониква

Градот Скопје ќе потроши уште 14,1 милиони евра за „барокни“ фасади до 2018 година

Објавено на 27.10.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градската власт од 2015 до 2018 година за изведба на „барокни“ фасади ќе потроши 14,1 милиони евра. Само за наредната година од градскиот буџет е предвидено да се одвојат 4,7 милиони евра за „барокни“ фасади. Оваа ставка е предвидена во нацрт-планот за Буџетот на Град Скопје, обелоденија денес советниците од опозициската партија СДСМ во Советот на Градот. Опозицијата ја критикува власта дека следната година сакаат да потрошат 500.000 евра за подготовка на проекти за нови фасади, 81.000 евра за одржување на фасади на згради, додека 487.000 евра ќе се одвојат за одржување на фонтаните и споменичните обележја во центарот на Скопје.

 

 

 

Околу половина милион евра, или 487.000 евра ќе се употребат за изградба на патеки и улици околу плоштадот „ВМРО“, каде што е сместено седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ обвинуваат дека на проектите за велосипедските и пешачките патеки во градот догодина ќе се одвојат само 25.000 евра. Во насока на поддршка на владиниот проект „Скопје 2014“, наредната година од градскиот буџет ќе се одвојат и 1,6 милиони евра за довршување на објектот Градска куќа, лоциран под Скопското кале. Од СДСМ денеска се спротивставија и на решението за изградба на две дополнителни коловозни ленти на улицата „Даме Груев“, со што ќе се уништи постоечкиот дрворед кај полициската станица „Беко“. Тие најавија дека ќе се спротивстават на сите булеварски решенија за сегашните улици во центарот на Скопје.

 

„Од Нацрт-буџетот на Град Скопје за 2016 година јасно е дека Коце Трајановски продолжува со она што единствено и го правел до сега – лошо тековно одржување на градот. Нема никаква визија за развој, никакво решение за проблемите со загадувањето на воздухот, безбедноста во сообраќајот или канализационите системи, што се главните ингеренции на Град Скопје. Повторно ќе се трошат огромни суми на барокни фасади, плоштади и фонтани, наместо на реалните потреби на граѓаните“, истакна координаторот на советничката група на СДСМ при Советот на Град Скопје Дамјан Манчевски.