Од планираниот градски буџет за 2015 година е предвидено да се одвојат 11.219.512 евра за изведба на нови „барокни“ фасади во центарот на Скопје, изградба на фонтани и на плоштади, меѓу кои плоштадите „ВМРО“ и „Мајка Тереза“. Стратегијата за целосна промена на изгледот на централното градско подрачје продолжува – двојно е зголемена сумата што ќе се насочи за менување на фасадите на постоечките згради, цел за која ќе се потрошат 6,2 милиони евра. За плоштадот „ВМРО“, лоциран пред седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, е планирано да се издвојат 1,3 милиони евра. Овие проекти за наредната година ќе се финансираат преку префрлање на средства од страна на Владата.
Доградбата на објектот „Градска куќа“ ќе го чини градскиот буџет околу 1,3 милиони евра, додека само 10 милиони денари ќе бидат издвоени за надградба на велосипедската мрежа во Скопје. Наредната година ќе започне изградбата и на Луна паркот, за кој Градот Скопје ќе алоцира 22 милиони денари. Во делот на инфраструктурните објекти, довршувањето на проширувањето на „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и најавеното проширување на булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ од тековниот буџет се префрла како ставка и во буџетот за наредната година. Догодина ќе се реализира и третата фаза од надградбата на булеварот „Борис Трајковски“ кон Драчево.
Тесното сообраќајно грло, улицата „Цветан Димов“ ќе почне да се решава од наредната година, но проектот ќе се одвива во неколку фази. По подолг временски период, планирано е да се реализира позначајна инвестиција и во општина Сарај – реконструкција и проширување на главната улица. Како значајни проекти од градската инфраструктура се и продолжувањето на булеварот „Партизански одреди“ кон Ѓорче Петров, до црквата Свети Петар и Павле“.
Како важен инфраструктурен проект за центарот на Скопје е проширувањето на булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ од крстосницата со „Климент Охридски“ до Клубот на пратеници. Започнатото проширување на улицата „Јордан Мијалков“ ќе се доврши, а планирана е и реконструкција на улицата „Павел Шатев“ кон населбата Црниче и „Тодор Александров“ кон населбата Водно. Градот Скопје планира дека во буџетската каса во 2015 година ќе се слеат 93,9 милиони евра, додека расходите ќе изнесуваат околу 95,2 милиони евра.