Општина Охрид распали со објавување на Конкурси за избор на идејни решенија. По градското шеталиште, двата плоштади и малото пристаниште, во визијата за промена на досегашниот изглед на градот влезе и главниот булевар „Туристичка“. Локалната самоуправа распиша јавен повик до архитектите за доставување на трудови за партерно и хортикултурно уредување на тротоарите и на најавените пет кружни текови долж оваа охридска сообраќајница. На најдобрите предлози за реконструкција на постоечката зона за пешаци и велосипедисти ќе им се доделат три награди – најквалитетното архитектонско решение ќе се стекне со награда од 120.000 денари, второнаградениот автор ќе добие 40.000 денари, додека третата награда изнесува 20.000 денари.
* Една од охридските крстосници каде што ќе се гради кружен тек; Фото: Бојан Блажевски
Во делот на уредувањето на кружните текови, формираната жири – комисија ќе распредели три награди, и тоа прва награда во износ од 100.000 денари, втора награда во висина од 30.000 денари и трета награда од 20.000 денари. Во двата одделни Конкурси од архитектите се бара да ја скицираат средишната површина на кружните текови, во кои се планира „зелена паркова површина збогатена со одредени изработки автентични за градот Охрид“. Идејното решение за тротоарите долж булеварот „Туристичка“ ќе треба да го прикаже идниот изглед на пешачките и велосипедските патеки, како и на околното зеленило. Авторите и архитектонските бироа треба да ги достават своите трудови до општина Охрид најдоцна до 26 декември.
Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески пред две недели најави изградба на пет кружни текови на постоечките крстосници долж главната сообраќајница со улиците „Бистрица“, „Македонски просветители“, „Абас Емин“, „Јане Сандански“ и „Стив Наумов“. Со реализацијата на проектот треба значително да се намали сообраќајниот метеж долж булеварот „Туристичка“, кој е особено присутен во текот на летните месеци.
Бојан Блажевски