Претходна статија
Ќе се делат 22 нови локации за изградба на мали хидроелектрани
Следна статија
Најпопуларните објави во 2018

Истече рокот за легализација на македонските дивоградби

Објавено на 31.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По бројните опростувања и продолжувања на датумите, денеска истече и најновиот рок зададен од македонската влада за поднесување барања за легализација на бесправно изградените објекти на територијата на Македонија. 31 декември беше рокот до кој можеше да се поднесуваат барања за легализација на дивоградбите, но само од оние граѓани што никогаш досега не поднеле никакво барање за ваквата постапка, а во нивните случаи се работи за објекти што се изградени порано од 3 март 2011 година. Со ваквиот чекор, Министерството за транспорт и врски веќе на почетокот од 2019 година ќе треба да го знае вкупниот број на дивоградби во нашата земја, кои се издигнати низ општините во периодот пред донесувањето на законот за легализација на дивоградбите од минатата влада.

 

 

Од македонската влада со истекувањето на најновиот рок ќе можат да ги сумираат податоците во однос на бројката на дивоградби што е предвидено да се легализираат во претстојниот период. Во јуни годинава истече и рокот за поднесување барања за легализација на објектите за сите оние граѓани што досега не успеаја да изработат геодетски елаборат, кој беше главна пречка за завршување на целокупната постапка што се влече повеќе од седум години. Сепак, централната власт, во координација со општините, треба допрва да го осознаат и најгорливиот податок – бројот на оние дивоградби што се изградени после март 2011 година, а коишто не се опфатени со законот за легализација на бесправно изградените објекти.

 

Покрај истекувањето на овој рок, во моментов е актуелна и можноста за поднесување барање за приватизација на државното градежно земјиште. Владата изминатово лето повторно овозможи да се поднесуваат барања за приватизација на парцелите во државна сопственост, при што крајниот рок за нивно доставување до Управата за имотно правни односи е 31 декември 2021 година.

 

Легализацијата на дивоградбите и приватизацијата на државното земјиште се два проекта што започнаа да се реализираат од претходната влада, но досега не се завршени во целост. Актуелната владејачка гарнитура годинава се одлучи да ги продолжи роковите за нивна реализација, иако не се знае со сигурност дали бројните имотно правни проблеми што ги имаат граѓаните, општините и државата со недвижните имоти ќе бидат надминати во идниот период со спроведувањето на овие проекти.