Претходна статија
Нова шанса за реконструкција на 13 училишта низ земјава
Следна статија
По три децении пауза, нова детска градинка се гради во Штип

Големата награда на БИМАС 2018 за објектот „Челзи бизнис центар“

Објавено на 28.09.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Архитектот Ѓорѓи Мојсов од „ГМС проект“ е овогодинешниот добитник на Големата награда за реализиран архитектонски проект на XIX Биенале на македонската архитектура. Доделената награда се однесува на објектот „Челзи бизнис центар“, лоциран на улицата „27ми Март“, број 11 во центарот на Скопје. „Лоциран во центарот на градот, Челзи бизнис центарот ја репрезентира новата генерација на канцелариски згради, чија што динамична, неконформистичка, транспарентна архитектура пулсира во ритамот на улицата и станува дел од неа“ истакна Билјана Филиповска, Претседателка на комисијата за доделување на наградите.

 

 

 

Во категоријата архитектонски проекти, награден е проектот за станбена куќа Стаматовски на авторките Невенка Манчева Аџиевска и Марија Антиќ Николова од „Архипункт ДОО“ од Скопје. Проектот е издвоен како успешен пример на градска вила, сместена во зоната на индивидуално домување во населбата Тафталиџе, којшто се одликува со обмислена дистрибуција на функциите и модерен архитектонски израз.

 

 

 

Во категоријата на ентериер и дизајн, жири комисијата ја издвои градинката Green House на авторката Маргарита Поповска. Градинката е лоцирана во поширок комплекс во Градскиот парк во Скопје. Просторот е преадаптиран во детска градинка со концепт на урбан дизајн, со селектирање на јавното и приватното – јавен централен плоштад околу кој се нижат интимни простори за игра и едукација. Просторот има потенцијал за трансформација, како дел од секојдневните потреби на децата.

 

 

 

Жири комисијата за доделување на награди се одлучи да не ги додели останатите награди предвидени на овогодинешниот БИМАС. Заради отсуство на посериозни трудови од областа на урбанизмот и од индустрискиот дизајн, во овие две категории не беа доделени награди. Архитектонските конкурси, посочи претседателката Билјана Филиповска, не биле предмет на оценување, сметајќи дека тие се веќе валоризирани од други комисии.

 

На присутните им се обрати претседателот на овогодинешниот БИМАС, Владимир Десков, кој укажа на сѐ помалиот број на трудови кои учествуваат на Биеналето. Тој смета дека во овие услови БИМАС треба да се организира на нов, различен начин и тој својот предлог за нов вид на организација во писмена форма ќе го достави до УО на ААМ, се со цел БИМАС да стане помасовна и попосетена манифестација.

 

 

Наградите на БИМАС 2018 им ги врачи Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Мартин Пановски. За доделување на наградите на XIX Биенале на македонската архитектура одлучуваше комисијата во состав: Билјана Филиповска, претседателка на комисијата, и членови Анета Христова, Ана Радоњиќ, Бујар Муча, Зорица Пенџерковска, Бранислава Ѓорѓевиќ Атанасовска и Никола Томевски.