Општина Гази Баба деновиве објави неколку јавни повици за субвенционирање на дел од инвестираните средства на граѓаните во енергетска ефикасност. Од општинскиот буџет се издвоени 3 милиони денари за надоместување на 70% од инвестираните трошоци (но не повеќе од 30.000 денари) во купување печки за греење на пелети во домаќинствата. Како што се наведува во распишаниот повик, пријавувањето на жителите од општина Гази Баба ќе трае до 14 мај или до исцрпување на предвидените средства за оваа намена. Доделувањето на субвенциите ќе се одвива по принципот „прв дојден прв услужен“.
Со средства од општинскиот буџет годинава ќе бидат реконструирани и крововите на 10 станбени згради на територијата на Гази Баба. Јавниот повик е веќе распишан, а за претстојните реконструктивни зафати по објект ќе се издвојат максимум 800.000 денари. За обновата на кровната конструкција на станбените згради се обезбедени 5,5 милиони денари од буџетот на општина Гази Баба. Постапката ќе се одвива преку пријавување на управителите на станбените објекти, по што општинската администрација ќе изготви листа на 10 најприоритетни објекти и за нив ќе подготви основни проекти за предвидената реконструкција.
Од буџетот на општина Гази Баба годинава се издвоени финансиски средства во висина од 2 милиони денари за реконструкција на пет постојни лифтови и за изградба на нови лифтови во постојните станбени згради. Јавниот повик и за овој проект веќе е објавен на општинската веб-страница. Градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски на денешната прес-конференција истакна дека општинските власти создале проекти со кои ќе се обезбедат услови за здрав живот за сите граѓани.
Градоначалникот Георгиевски надополни дека мерките за енергетска ефикасност ќе се прошируваат во наредниот период. Наскоро ќе започне процесот за реконструкција на дотраените фасади на станбените објекти на територијата на Гази Баба, а годинава ќе стартува изработката на проект за изведба на топловодна инсталација во новата населба Хиподром 2. Главната цел на општината е да се овозможи приклучување на 1.000 домаќинства од населбите Хиподром 1 и Хиподром 2 на централниот систем за грееење на ЕЛЕМ.