Македонската влада на вчерашната седница донесе одлука за прекинување на сите несуштински проекти на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). Државната енергетска компанија во иднина ќе се посвети исклучиво кон производство на електрична енергија. Во историјата ќе заминат проектот „Рајска градина“ планиран во населбата Аеродром, скијачкиот центар на Водно, конгресниот центар во Охрид, катната гаража во Охрид, жичарата на Попова Шапка, автокампот „Ливадиште“ во Струга, пешачко – велосипедската патека на езерото Козјак, плажата во Дојран и скијачкиот центар „Копанки“ на Пелистер.
*Проектот „Рајска градина“ во неокласичен стил наменет за населбата Аеродром
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска појасни дека ЕЛЕМ ќе треба дополнително да изработи анализа за склучените договори во однос на тоа дали овие договори може да се раскинат. Еден од ваквите проекти е новата жичара на Попова Шапка, која се ветуваше речиси една деценија наназад и до денешен ден не е целосно изградена. Од ЕЛЕМ истакнаа дека во иднина ќе се посветат на вршење на нивната основна дејност, а тоа е производство на електрична енергија.