Запреа работите за реконструкција и адаптација на објектот на специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид. Како што јавува порталот „Охридњуз“, градежните работи се сопрени кон крајот на октомври поради тоа што не се ослободени старите операциони сали за уривање. За да продолжи адаптацијата на просторот е неопходно да се набави нова опрема за идните операциони сали, но со подигнатиот кредит за градежниот зафат не се предвидени средства за оваа намена. Министерството за здравство ќе треба да пронајде решение за проблемот, а дотогаш градежните работи ќе бидат прекинати.
Градежната фирма „ВИА“ од Вевчани во моментов има изведено околу 80% од севкупните работи за реконструкција и адаптација на специјалната болница „Св. Еразмо“. Сепак, проблемите со изведбата ќе го одложат пуштањето во употреба на објектот. Реализацијата на проектот започна во текот на минатата година, за што се обезбедија средства од 219 милиони денари преку кредит од Европската банка за обнова и развој. Реконструктивниот зафат опфаќа површина од 5.623 метри квадратни, вклучувајќи ги операционите сали, лабораторијата, амбулантите и останатите простории. Со проектот треба да се доврши старата болничка зграда.